Македонија во светот на хералдиката

Изложба

Над 70 грбови поврзани со Македонија од 14 до 21 век ќе бидат претставени на изложбата насловена Македонија во светот на хералдиката што ќе биде отворена на 3 септември во ликовниот салон од ЦК “Марко Цепенков”, по повод 8 Септември, Денот на независноста. Промотор ќе биде публицистот Ставре Џиков.

Изложбата е плод на соработката на ЦК “Марко Цепенков” и Македонското грбословно друштво за светскиот ден на хералдиката.

Поставката содржи 35 панели и има два дела. Првиот говори за историските грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век, поделен во 3 дела: грбовите на Македонија од европските и илирските гробници, на Кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија. Вториот дел е за современите македонски грбови, поделен во 3 дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.

Автентичната изложба  е дело на Иван Нацевски, потпретседател и  д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски од друштвото, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија.

На 10 јуни 1128 година, во Руен (сегашна Франција) англискиот крал Хенри Први го прогласи својот иден зет, Годфри Плантагенет за витез. Во таа прилика му е доделен грб, на син штит, шест златни лавови 3-2-1, кој се смета за прв запис за доделување на грб во историјата. Затоа овој датум се прославува како светски ден на хералдиката.

– Хералдика или грбословие е наука која се занимава со правилата кои владеат при дизајнирањето, блазонирањето (опишување, читање) на грбовите. Хералдиката е севкупност на грбови како симболичен идентитет на поединци и групи и земји. Хералдиката е уметност на исцртување на грбовите – велат од Македонското грбословно друштво.

Loading