Креативност и уметнички дух на 16- та ликовна колонија Дрен 2024

По 16 пат ЦК “Марко Цепенков” беше домаќин на меѓународната ликовна колонија “Марко Цепенков – Дрен 2024” на која учествуваа 16 уметници од земјава и од Србија и Бугарија. Во креативен и уметнички дух се создадоа вредни творби кои остануваат во трајно наследство на Центарот за култура.

– Уметниците твореа на слободна тема и содадоа дела кои ја збогатуваат колекцијата, која досега брои околу 400 слики и скулптури. Изложбата на новосоздадените дела ќе биде претставена во ноември, кога ЦК ќе одбележи 45 години – изјави Марија Попова Јованоска, в.д директор на ЦК “Марко Цепенков”.

Колонијата Дрен,  расте од година во година.

– Сега сме во добар стадиум за македонски услови. На уметниците им создаваме одлични услови и пријатна атмосфера. Прилеп е со уметнички дух. Создаден е амбиент за креативност на учесниците – посочи Марјан Стојаноски, од ликовната дејност.

Уметниците даваат високи оценки за организацијата.

– Сликам апстрактен експресионизам. Условите се одлични. Пријатна е работата. Добар е колегијалниот состав. Прекрасни творечки околности. Создадов добри дела, инспирирани од природата. Тоа го пренесов на платното. Колониите се можност да видиме како творат другите уметници. Во Македонија има друг пристап. Се запознаваме, разменивме искуства. Така постојано се надградуваме и доаѓаме до нови инспирации – истакна Немања Вучковиќ од Србија.

– Уметноста ме исполнува. Ги пренесувам чувствата. Експериментирам – изјави Радица Докузовска.

– Преокупацијата ми е разновидна, главно предатори и животни. Корисни се дружењата, размената на искуства и новите пријателства – изјави Александар  Таневски.

– Во Прилеп сум првпат. Чест ми беше што творев. Атмосфера беше многу пријатна. Мојот стил е апстракционизам, експресионизам, наивизам. Го нацртав стариот Прилеп, бидејќи многу ми се допадна панорамата и ноќното осветлување – изјави Петја Ѓеоргиева од Бугарија.

На колонијата освен Немања Вучковиќ, Радица Докузовска, Александар Таневски и Петја Ѓеоргиева, твореа и Небојша Станков, Среќко Здравковиќ, Јована Ѓуриќ, Светлана Попова, Суарта Луфи, Милица Алимпиќ Илиќ, Ангел Коруновски, Валентина Стеваноска, Тони Чатлески Никола Димески, Марјан Стојаноски и Столе Дурланов.

Loading