Гајдите, тапаните, кавалите…  на пиедестал

Полувековен јубилеј на фестивал на народни инструменти и песни Пеце Атанасовски

Вековното народно богатство и наследство продолжува да се негува  по 50 години преку фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски”. Денеска во центарот ќе дефилираат 50 гајдаџии од сите краишта на Македонија и ќе се претстават на камената бина, а утре е завршниот дел на месноста Рудина во селото Долнени. Годинава ќе учествуваат околу 250 изведувачи.

Традиционална манифестација, етаблирана на славниот гајдаџија Пеце Атанасоски, пет децении е промотор и одржувач на народното фолклорно творештво, пренесувано од дедо прадедо. Досега учествувале преку 15 000 изведувачи од Македонија и од странство.

На првата вечер на плоштадот ќе настапи и националната институција “Танец”.

Веќе се одржува 13-тиот семинар за изучување на народните инструменти и песни со 12 млади вљубеници во изворниот мелос и еминентни предавачи. Денеска е и ден за симпозиумот, насловен “Фолклорот во минатото и денес”, од кој ќе се издаде зборник со научни трудови од етномузиколози и етнокореолози. Ќе се промовира монографијата, 50 години фестивалот,

“Непресушен извор, за навек” од Елизабета Митреска.

– Фестивалот од смотра прерасна во национална манифестација која пет децении успешно го чува, го негува и го пренесува богатото фолклорно наследство на новите генерации. Името го носи според идејниот творец, големиот гајдаџија и светски промотор на фолклорното наследство, Пеце Атанасовски – вели Горан Василески, претседател на Фестивалот.

Loading