ПЕЈО  ГО ПОРАЗИ „ГОРНИОТ“

Пејо Итроманецот не беше лишен од ум. Дури имаше и на други да даде. И даваше. Но, излезе една работа, која многу го загрижи. Не беше лесно, туку замрсена, зашто не беше од лујџе. Се вплетка ,,горниот,,, во кого Пејо малку веруваше, ама сепак зависеше.

Како мариовец крај големата борова гора, направи мала бичкичка за штици бичење на селското поточе. Не беше фабрика со гатери, циркулари и други машини. Проста бичкица на вода, со една линџа. Му се смачи да тегне со плешките цел ден, да бичи. И пак да не сработи ниту десетти дел од бичкијата на водата. Така излезе поумен од сите мариовци, кршоборци шо тегнат цели недели двајца здола еден згора и не бичеа цел месец толку штици колку пејовата бичкија шо бичеше за еден ден. Водата течеше, а Пејо седеше крај тезгето и управуваше.

Но, се замеша ,,горниот, и тоа против Пеја. Му завиде оти му оди добро. А Пејо не однесе ниту една ока масло в црква за благодарност. Затоа ,,горниот,, две години ја стегна раката. Не пушти капка вода цело лето. А со тоа Пеја сосем го запре. Водата секна, та бичкијата цело лето не тргна ни една врвца да избичи.

Така Пејо не сврши работа преку летото. Преку зимата мразот го попречи и остана без леб. Земаше заем, се заборчуваше две години да ги прехрани децата. Но, долговите се враќаат и треба да се живее. Третата зима Пејо размислуваше како да му дојде доак на неговиот прв непријател.

-Да го натерам сосила да врне. Не можам, како што не можам да го натерам да не врне – си рече.

-Да го молам, којзнае дали ќе ми ја прими молбата. Не сум сам. Повеќе има што молат дожд. Молбата не е сигурна. Некој друг марифет да му најдам, да не мрда – си мислеше.

Мисли, крои, шета и се сети.

-Че ми те сошијам годинава – си рече  на Ѓурѓовден, гледајќи го небото оклештено, јасно како го плаши и годинава.

Смисли, нешто, на шо на ретко кому му текнува.

-Годинава, че фатам две работи – си рече

-Че бичам штици, ако врне, и че правам керамиди, ако не врне. Така направи. Штом че заврнеше ја пушташе бичкијата и со лезет бичеше штички, ги продаваше и земаше добри парички. Тогаш од тезгата викаше, гледајќи ги црните облаци,: ,,Ајде, турај колку сакаш, ама, че ми бичи бичкијава,,.

Кога се оклештуваше времето со недели да не врне и сонцето да пече, правеше керамиди и пак му викаше на ,,горниот,, – ,,Печи, печи,  напечи се и ти, и керамиткиве че се испечат,,.

Така Пејо му дојде доак и на ,,горниот,, без да му се моли, крсти или придава масло, темјан и други подароци како што прават селаните, чии молби и придавачки не можат да им поможат. Затоа секогаш велеше, ,,акл треба и мотика, а не молитва,,.

Loading