ЦВЕЌЕ ВО СИТЕ БОИ

Тоци Костоска, пензионер

Тоци Костоска (75) е пензионер во старскиот дом “Киро Крстески – Платник”. Пасија í е цртањето. И тоабило каде, во било кое време. Претежно цвеќе. Создала преку 500 цртежи, од кои дел ги подарила на домовите во Прилеп и Катланово.

Од дете имала мерак за цртање. Потоа заминала за Скопје. И таму останала љубовта кон цртањето. Не згаснала никогаш, иако животот и носел други предизвици.

-Желбата и талентот за цртањето можеби сум го наследила од моите вујковци.  Како ученичка ќе нацртав и веднаш учителот ќе ми го земеше цртежот за презентација. Низ годините немав можност толку да цртам, ама откако се пензионирав му се посветив на цртежот со боички. Во еден ден можам да создадам повеќе цртежи. Како инспирација ми лежи цвеќето. Пред повеќе од две години дојдов  во старскиот дом, сум нацртала преку 300. Од нив 130 дела ги оставив за домот – раскажува Тоци.

Последните години нацртала преку 500 цртежи.

– Има и убави, и понеубави, но цртањето е мојата пасија. Умот ми штукнува по цвеќето. Ми ја храни душата. Затоа го цртам во различна форма, боја… Невидена страст. Го гледам и веднаш го земам “алатот”. Директно со боички во различен колор. Сум пробала и друго, ама не ми оди. Во последно време не цртам толку. Немам каде да ги чувам цртежите. Си велам џабе што цртам, што трошам и материјал и боички кога никој не ги гледа цртежите. Сакам дел од нив да ги подарам, доколку има интерес од институции – вели Костоска, која пензионерските денови ги минува во старскиот дом.

Loading