ДУБОЧИЦА ГО БРАНИ ПЕХАРОТ

Ракомет: Турнир “Миле Нешковски”

Осмиот меморијален ракометен турнир “Миле Нешковски” е од денеска до понеделник во салата од СОУ “Ристе Ристески – Ричко”. Учествуваат осум тима, во А-групата Прилеп, Дубочица Лесковац (Србија), Скопје и Струга, во Б-групата Кокс (Финска), Еурофарм Пелистер 2 (Битола), Пролет и Мултиесенс (Скопје). Убава можност за уигрување во пресрет на есенската првенствена борба за бодови.

Тешко е да се одреди фаворит. Многу се очекува од странските екипи. Кокс е 12-годишен шампион на Финска, актуелен вицешампион. Има учества и во Лигата на шампионите. Првпат гостува во Прилеп. За Дубочица се знае многу повеќе. Гостувала во Прилеп на првенствени натпревари во Втората југословенска лига и на пријателски на турнирот “Гана – Мери”. Лани беше победник на турнирот. Не треба да се отпишат и домашните суперлигаши. За Прилеп (со најновото засилување, десното крило Денис Шабановиќ од Црна Гора) е можноста за прва летна победа, по поразите на претходните три пријателски меча – 39:28 од Дубочица, 30:23 од Еурофарм Пелистер 2 и 27:24 од Тиквеш.

Турнирот доделува награди за три најдобри екипи и поединечни – голман, стрелец, играч и за животно дело, за придонес во прилепскиот ракомет.     Отворањето е денеска (петок) во 12 часот пред Универзалната сала со положување цвеќе на споменикот од Миле Нешковски, а првиот натпревар од 14 часот е Еурофарм 2 – Пролет.

Loading