ИСТРАЖЕНА ГРОБНИЦА ОД ДОЦНО АНТИЧКИ ПЕРИОД

Археолозите од Заводот и музеј го завршија ревизиско археолошкото ископување на една од неколкуте антички доцно – македонски гробници издлабени во карпа, евидентирани уште во 1958 година во месноста Под кули – Крклари.

– Гробницата е со надворешна влезна патека, дромос, преткомора и главна внатрешна просторија – комора, во која била положена урната со кремираните останки од покојникот и даровите – велат од музејот, кои иницирале истражување.

Предвидено е и отворање и доистражување на сите гробници (бидејќи се претпоставува дека се најмалку четири на оваа локација) и урбанизирање на околниот простор (со отстранување на огромниот депониран отпад од месното население), по што со патоказ од главниот пат што води кон Марковите кули намерниците ќе бидат упатувани да го посетат ова археолошко наоѓалиште, оддалечено околу 300 метри од патот.

– Прилеп ќе добие уште една атрактивна дестинација за културолошки туризам – вели археологот Душко Темелкоски.  

Лани биле истражени две гробници на спротивната страна под Марковите кули, во месноста Мечкина дупка. Било констатирано дека биле погребувани поситуирани жители на пелагонискиот град Керамија во 2 век од старата ера.

Прилепскиот регион предничи со евидентираните над 20 гробници од овој тип.

Loading