МЛАДОСТА Е МНОГУ ЖЕЛБА – МАЛКУ ИСКУСТВО

Фудбал: Победа

Со бледа игра ја почна серијата летни пријателски мечеви екипата  на Победа Довчерашниот прволигаш со пораз дома, пред своите малубројни гледачи загуби со 1:2 од новиот второлигаш Новаци. Овој играчки кадар е многу изменет во споредба со прволигашкиот. Заминаа или се отсутни дваесетина, почнувајќи од голманите Дарко Тофилоски и Даниел Котевски, па стоперот Игор Паноски, полушпицот Лука Трајкоски, напаѓачот Андреј Кудијан… Дојдени се само петмина: голманот Иван Николоски (Беласица), стоперите Христијан Кукески (Караорман) и Валентин Белески (Питу Гули), напаѓачите Беким Алимоски (Питу Гули) и Филип Димоски (Детонит Плачковица). На првиот меч првата постава беше: Николоски – С. Спиркоски, Стомнароски, Кукески, Б. Ѓорчески – Ј. Наумоски, Кочоски, Д. Дебрешлиоски, А. Петејчук, Алимоски, Ф. Димоски. Највозрасни со по 28 години се Христијан Кукески и Јорданчо Наумоски, а најмлад со 16 години е Давор Богевски.

Стручниот штаб предводен од Филип Мирчески има фудбалери, мнозинство, тинејџери. Затоа не треба да се очекуваат брзи резултати, висок пласман, иако желбите се секогаш такви за Победа.  Големи се желбите кај младите, а мало е искуството. Претстои многу труд, стручна работа, талентот да прерасне во квалитет. Откако ќе се одиграат пријателските натпревари, па и првите првенствени, ќе се дадат попрецизни очекувања за пласманот на прилепскиот тим во ова првенство, кое стартува на 12 август.

Вториот тест Победа го имаше во средата со Караорман во Струга, третиот е в сабота дома со неготински Вардар, последниот на 5 август дома со Пелистер.

Loading