САНАЦИЈА НА ПАРКОТ НА РЕВОЛУЦИЈАТА

Оштетените делови на Паркот на револуцијата  веќе ги санира Заводот и музеј Прилеп. Ќе се санира патеката пред Алејата на хероите, дел од оштетените постаменти, ќе се менуваат искршените плочки, ќе се санираат дел од скалите и другите загрозени места. Министерството за култура оддели околу 400 000 денари за заштити  на споменикот на културата.

Меморијалниот комплекс во Паркот на Револуцијата  е изграден во 1961 година на 20 годишнината од востанието за загинатите борци од НОВ. Проект е  на познатиот архитект Богдан Богдановиќ. Паркот има два дела, Могилата на непобедените со заедничка гробница-крипта и спомен урни и Алејата на народните херои. Во едниот дел се подигнати мермерни урни, слични на античките. Споменикот крипта е со полукружна форма со внатрешен дел кој по целата вертикална површина е поплочен со бели мермерни плочки со имињата на 462 паднати борци од Прилеп и прилепско. Таму се посмртните останки на загинатите. Во атриумот се издигаат осум мермерни урни кои го симболизираат формирањето на партизанските одреди и нивно прераснување на поголеми воени формации.

Паркот на револуцијата за споменик на култура е прогласен во 1989 година. Во состав на споменичкиот комплекс  е и Алејата на народни херои. На мермерни постаменти се поставени бронзени спомен бисти од десетте загинати народни херои од НОБ од Прилеп – Кире Гаврилоски-Јане, Илија Игески-Цветан, Орде Чопела, Борка Талески, Кузман Јосифоски – Питу, Мирче Ацев, Борка Велески – Левата, Рампо Левката, Лазо Филипоски – Лазовски и Круме Волнароски.

Меѓу 2007-2008 комплексот беше целосно ревитализиран.

Loading