Изложба
Изложбата “Еден облак подалеку” од уметницата Татјана Винона Јонеска ќе биде отворена во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” вечерва од 19.30 ч. Ова е прва самостојна изложба во родниот град и во Македонија. Ќе ги претстави делата кои се обид да ја вградат архитектурата на галеријата како агент кој активно придонесува за целината на самото дело.
– Преку внесување на елементи на фрактална геометрија, идеи за проширена реалност, поетско истражување на просторот и обиди да се доловат минливите транзитни моменти, се отвора прашањето околу поимот просторни и временски растојанија и близина – се вели за изложбата.
Винона Јонеска е уметник кој живее и работи во Лондон. Магистрирала на Кралски колеџ за уметност во Лондон. Студирала и на Универзитетот за уметности во Лондон, каде што ја завршила својата диплома по ликовна уметност. Винона има мултидисциплинарна практика водена од екстензивно теоретско истражување и експериментирање, што формално се занимава со прашања околу перцепција, истражување за тоа како се среќаваме со просторот и како ја доживуваме темпоралноста.
Учествувала на бројни групни изложби во Обединетото Кралство и на меѓународно ниво.