ПОБЕДА Е ЧЕСТ ГОСТИН ВО ОХРИД

Фудбал

За подготовките за пролетната етапа од фудбалската Прва лига на Македонија, Победа одигрува пријателски мечеви, а место за мегдан зимава најчесто е Охрид. Таму прво беше дуелот со македонскиот шампион Шкупи (пораз со 4:2, стрелци Амасихоху Џејмс и Филип Тодороски), потоа со домашниот второлигаш Охрид (пораз од 2:1, стрелец Игор Паноски), а завчера со домашниот второлигаш Воска (пораз од 1:0). Само еден натпревар беше во Дојран, со косовскиот прволигаш Феризај (пораз со 1:0). Со оглед на тоа што прволигашкото првенство продолжува на 19 февруари, има време за одигрување на барем уште два-три меча, а потенцијални ривали се второлигашите Пелистер, Кожуф и Гостивар.

Стручниот штаб, предводен од Благојче Дамевски, ја дотерува формата на тимот и играта во борбата за опстанокот. Не е лесно, оти се извесни промените во играчкиот кадар. Дел од фудбалерите се задржани, некои заминаа, повеќемина младинци се приклучени, а десетина отстрана се потенцијални засилувања. Ќе треба да се сочека крајот на преодниот рок, па да се види конечниот список на играчите.

Навивачите со нетрпение го чекаат првиот пријателски меч во Прилеп.

Loading