ТРКАЧКИ АСТОН МАРТИН СТАР 90 ГОДИНИ НА УЛИЦИТЕ НА ПРИЛЕП

Редок стар автомовил речиси 90 години се “прошета” низ улиците во градов. Прилепчани имаа можност да видат тркачки Астон Мартин од 1934 година во возна состојба.

Сопствениците на раритетното возило биле гости во еден приватен сместувачки објект во Прилеп. Биле од Англија и го продолжиле патот од Косово, за Грција односно до крајната цел, Атина. Додека уморот го заменувале со сон, нивното превозно средство било паркирано во дворот и покриено со церада. Утрото, газдата кој бил механичар и си носел дузина алатки, го дотерал, дујдисал старото возило кое на берзите за олдтајмери достигнува цена и до 300 илјади фунти. Не знае колку илјадници километри поминал со него, а додека го управувале со сопатничката носеле специјална облека и кациги да оддолеат на ветрот и студот. Силен звук забаботел и ги распарал улиците кога го напуштале местото. Бројни прилепчани го кадросувале “количето”.

Сопственикот, пак на ноќевалиштето се пошегува во прилепски дух и на ФБ напиша:

“Со оглед на тоа што во градов имаме тренд на палење коли без употреба на клуч, не сум седел цела вечер до него со “4 отворени” и 3 апарати противпожарни?”

Loading