МИСЛАТА НАПИШАНА И ИСКАЖАНА – Е ВРСКАТА МЕЃУ ДУХОТ И МАТЕРИЈАТА

15 години Поетско Маркукуле

Утревечер, по 15 пат, ќе се одржи поеската манифестација Поетско Маркукуле, на која, како што вели Андриана Ристеска, претседател на Клубот на литературни творци – Прилеп, како органзатор, ќе се претстават стотина поети од земјава и од странство, а ќе биде промовиран и Алманахот.

-Ќе пречекаме рекорден број поети од повеќе градови. Ќе бидеме добри домаќини и ќе му се препуштиме на поетскиот изблик и ќе се дружиме – посочува Ристеска.

Почетоците датираат од 2007- ма, година, кога на 11 август, во убава летна ноќ, инспирирана и доживеана како летен сон преточен во јаве, Прилеп доби вредно благородно камче во својот духовен културен мозаик. 

-Најпрво беше мислата на Љубен Димкар, а потоа и желбата која се роди во една летна приквечерина во старата чаршија. Желбата пламна во друштвото на поети и вљубеници на пишаниот збор кои низ кафе муабет си прераскажуваа што им се случувало на последна средба, членовите на КМД ПЕЛЛА квартет од Словенија, Весна Младеновска, Мајда Пездирец,  Метода Постолски Кошир и нивниот уметнички директор и водач Љубен Димкароски (почина 2016 г.), наш прилепчанец кој многу години живееше во Љубљана и други наши сограѓани. Веќе беше договорена поетска дружба со поети од Прилеп и членовите на КМД ПЕЛЛА во Градската Библиотека “Борка Талески” каде една вечер ги споија и преточија пред присутните своите стихови. Вечерта беше зародиш на тоа што следи, живее и секоја година расте како манифестација со голем замав и убавина, спојувајќи афирмирани и неафирмирани поети, заедно на едно место, спојувајќи го поетскиот порив и здив, со што потврдуваат дека поезијата е огледало на душата. По овој настан, повторно во чаршијата, истото друштво во кадифето на друга летна квечерина ја прими енергијата и поздравот што го испрати старото Маркукуле, полнејќи им го окото и повикувајќи ги кон себе поетите. Се роди идејата, да се направи манифестација, ама во природен амбиент. Од многуте нафрлени имиња најсоодветно беше понуденото од Димкар! Се роди Поетско Маркукуле! А старото Маркукуле го понуди Тронот, карпата во близина на другата – Слонот. Гласот на ангелот ги повика поетите да беседат на заедничка вечер наредната 2007 година на 11 август, втората сабота од месецот во подножјето на Марковите Кули, во пазувите на карпестиот рид низ бадемовите дрвца над светлата од градот и осветлениот крст на врвот Тапанче како сведок, 25 поети од сите возрасти го освоија Тронот, како учесници и сведоци на раѓањето, официјално на првото Поетско Маркукуле. Предност им се даде на најмладите и  на оние кои пишуваат, а не објавуваат од која било причина. Всушност, тоа и беше идејата и намерата при создавањето на манифестацијата, да се поттикнат и охрабрат младите и неафирмираните литерати да се покажат и промовираат со тоа што ќе настапат во природен амбиент во атмосфера на добредојде со подадената рака на веќе афирмирани поети, за да продолжат да творат, зашто само така сме цело и едно. Сите заедно афирмирани и неафирмирани, без награди и наградувани, манифестацијата да има ревијален карактер, да им се даде можност на анонимните поети не само да се покажат, туку со секоја наредна манифестација да растат и да се надоградуваат. Да се развиваат не само како поети, туку како сестрани литерати, натпреварувајќи се сами со себе, но и со другите – посочува Цене Григорова, еден од иницијаторите за манифестацијата.

Цитирајќи го Андреј Тарковски, режисер, таа посочува “…сите мои филмови произлегуваат од едно: мислата да биде врска, состојба меѓу материјата и духот…”.

-Поетско Маркукуле – мислата напишана и искажана е врската меѓу духот и материјата, собрана во содржина на зборникот, сведок алманах на секоја манифестација, на секоја прочитана поетска творба на Тронот кај Слонот. Отпечатениот стих, рекол Борхес, е како нова Арка фрлена во бранови да зборува за сите времиња, за сите денови, да биде продолжеток на меморијата, бидејќи испишаниот стих овозможува да му се вратиш на зборот во неговото вистинско значење, дури и тогаш кога зборот отсликува метафора, кога умира во очите на оној што издишува или се раѓа, во очите на едно новороденче. Поетско Маркукуле низ годините го доживува својот процут не само како интернационален поетски настан со повеќе поети од сите страни на светот, туку понекогаш е и мултимедијален, збогатен со призвукот на акордите на гитарата, вокалот на музички, но и ликовни уметници кои манифестацијата ја користат како инспиративен тек за создавање на своето дело, што и дава посебен раскош и убавина, но и промоција на градот под Марковите Кули – потенцира Григорова.

Промоција на новиот алманах ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ 2022

На утрешното Поетско Маркукуле ќее биде промовиран и новиот алманах Поетско Маркукуле 2022. Во овој алманах, веќе се впишуваат имињата на сто седумдесет и еден автор од Македонија и од неколку европски земји. Во него, покрај веќе старите, постојани ученици, има наплив на нови поетски пера, кои го збогатуваат стиховниот мозаик. Зборот Маркукуле е како еден мамец, кој ги кани стихотворците да дојдат, да ја видат убавината, да ја почувствуваат атмосферата меѓу многуте сродни души и да уживаат.

Во алманахот се плетат стихови од многу еминентни автори, стихови од нови автори кои доаѓаат на голема врата на поетското небо, но и стихови од автори кои пишуваат за своја душа, но и за душата на читателот. Се преплетуваат слоевито богати стихови со љубовна, хумористична, родољубива и патриотска содржина. Течат стихови во кои секој ќе се пронајде во понекоја песна и ќе си ја разгали душата со убавината на зборот. Верувам дека заедно ќе продолжиме уште долги години да стихуваме и духовно да се исполнуваме, под поетското, ѕвездено небо на Марковите кули и на градот Прилеп – вели за алманахот поетот и посател Тони Павлески.

Loading