БУКЕТИ ЗА 10- ТЕ ХЕРОИ

Карпалак – 21 година подоцна        

“Тие се нашите херои кои загинаа за слободата на Македонија и на македонскиот народ. Денес и после 21 година од овој ужасен настан повторно сме овде, пред споменикот Карпалак во Прилеп да им оддадеме почит и да ја споделиме болката за нашите херои со семејствата на: Горан Миноски, Сашо Китаноски, Веби Рушидоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Велјаноски. Нивните имиња вечно ќе останат во нашата меморија”.

Вака ја почна комеморацијата градоначалникот Борче Јовчески пред споменикот Карпалак на празникот Света Петка, на 8 август, кога пред 21 година загинаа 10 прилепски бранители кај Карпалак на патот Скопје –  Тетово тргнати во одбрана на земјата од нападите на терористите.

– Сигурен сум дека чествувањето, им дава барем малку повеќе сила и утеха на семејствата. Нас ни претставува гордост што бевме нивни сограѓани и сведоци на пожртвуваноста и нивното херојство. Продолжуваме да го негуваме нивното херојско дело. Пред оваа спомен плоча, докажуваме дека сме сплотени и никој не може да не спречи во намерата да ја браниме и безусловно да ја сакаме нашата татковина и никогаш да не се повтори злото од 2001 година – рече Јовчески.

Тој додаде дека повторно сме ставени пред искушенија и постојано сме пред нови битки. Остануваме сплотени во одбраната на македонската држава, кауза, традиција, име, идентитет и јазик, наследени од заветот на претходните генерации.

Роднините, делегации од граѓанските здруженија, градоначалникот, претседателот на Советот, Армијата и делегации на политичките партии им оддадоа почит на загинатите на нивните вечни почивалишта на градските гробишта.

За 10-те загинати бранители се одржа панихида во црквата Св. Петка во Точила и во селото Лениште.

Loading