ПЕНЗИОНЕРСКИ ЛЕЗЕТ МАНАСТИРСКИ ДВОР

Прилепските пензионери го прославија 20-ти септември, денот на  пензионерите, масовно во дворот на манастирот Св. Илија на месноста Писокал во Мариово. Околу 400 луѓе од третото доба по 11 пат се собраа на заедничката прослава на празникот. Им се придружија и инвалидските пензионери на трпезата со богато мени со месо на скара, пијалак и музика. Сончевиот ден им создаде чувство на пријатност на “генерациите” на крајот на летото.

Многумина досега не згазенале во Мариово кое е извор на многу легенди како онаа за итроштините на Итар Пејо. Поголем дел се воодушевуваа на дарот на природата, на планинските предели, не само на превојот Слива. Ги наполнија градите со чист воздух што им беше кислород да скокнат на широкото оро.

Трошоците за сите, 11, пензионерски излети со превоз и храна ги надоместува прилепското здружение. При досегашните излети во природата во манастирите кај Присад, Пашино Рувци, Беловодица, втор пат во Писокал се нагостени неколку илјади членови ,дури и од долненско и кривогаштанско.

Loading