ПЕТРЕ, ПЕТРЕ ПИРАЛЧЕ

Именките што имаат наставка “ара” не се својствени за македонскиот јазик. А тие сепак се чести или поточно, редовни во секојдневните приватни разговори и во медиумската комуникација. Редовно слушаме – ПИВАРА, СТАКЛАРА, ЖИЧАРА, КНИЖАРА и многу други. Единствено некако се одржува – ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА. А така треба, наставката треба да биде “ница” – книжарница, стакларница, жичница, млекарница, берберница… Така треба, а не е така. Зошто? Можеби поради тенденцијата закористење на пократки форми. Но, сметаме тоа се прави (погрешно) под влијание на скопскиот говор. Медиумите, главно се во Скопје. Особено големо е влијанието на ТВ. Од нив ги слушаме овие зборови како што ги слушаме и погрешните акцентирања. Наместо на третиот слог, броејќи одназад, акцентот се става на вториот. Грешка е тоа. Ќе можеме ли да се спротивставиме? Тешко. Во оваа хаотична ситуација не можеме и да помислиме дека е тоа можно. Со поголема ангажираност, општествена, со поголема институционална ангажираност, можеби и би можело. Но, такво нешто кај нас нема. Ниту пак некој помислува на тоа. Затоа, ќе ни ги параат ушите и ќе ни ги бодат очите и – сирењара и чорапара и печуркара и којзнае уште колку такви. Тешко ќе можеме да се спротивставиме на овие тенденции, но барем да има некаква селективност.

Своевремено, Благоја Корубин бараше, настојуваше да најде некаков корен и во нашиот јазик, да пронајде именка која завршува на “ара” и на таков начин да се најде некакво оправдување за масовната употреба на именките со односната наставка. Тој ја спомнуваше именката – КОШАРА. Наша именка, која завршува на “ара”. Повозрасните си спомнуваат. Кога бевме мали ни ја кажуваа песничката

Петре, Петре пиралче,

………………………………

Многу ми се фалеше

Имам куќи Сараи.

Кога појдов да видам

Една крива кошара

Со лепешки лепена.

Тие куќи, кошари, беа плетени од прачки слично како што се плетат кошовите, и можеби оттука го добиле и името – КОШАРА. Тие се излепени (измалтарени) со кал, па ете, и со лепешки.

Тука некаде (и со право) Корубин бараше основа и во нашиот јазик да се користат вакви именки.

Сме спореле со некои луѓе кои набројувале и други такви именки во македонскиот јазик. Ги набројувале, колку се сеќаваме, именките – шубара, гитара и уште некои. Но немаат право тие што мислат така. Тие именки се влезени кај нас од други јазици и немаат основа во македонскиот јазик. Но, сепак се регистрирани во нашите речници како норма.

Неодамна дојдовме до сознание за потеклото на зборот – ГИТАРА. Тој збор имал корен во персискиот јазик. ГИТ значело музика а ТАР било жица. Го сретнавме овој податок во извесно списание. Досега знаевме само тоа дека зборот нема македонско или воопшто, словенско потекло. А тоа што го прочитавме не потсети на еден друг податок. Своевремено, сме имале комуникација со извесна словенечка, поточно, љубљанска фирма која се занимаваше со продажба на музички инструменти. Фирмата носеше наслов – ГИТ – АКОРД. Ете, ГИТ значело музика. Можеби тука е и основата во името на односната фирма. Во некој, слободен, импровизиран превод би значело – МУЗИЧКИ АКОРД.

Се разбира, овие претпоставки за името на љубљанската фирма не се базирани на некоја посигурна основа.

Можеби таа КОШАРА, ширум ќе им ги отвори вратите на другите именки со наставка – “ара”, но во никаков случај не смее да се отфрли наставката “ница”. Напротив, треба да има предност. КНИЖАРНИЦА, МРАЗАРНИЦА, СЛАТКАРНИЦА, МЛЕКАРНИЦА и многу такви апсолутно треба да си ја задржат таквата форма, со таа наставка.

Loading