КОМЕДИЈАТА Е ЖАНР ВО КОЈ СЕ ЧУВСТВУВАМ СЛОБОДНО И ПРИРОДНО

Катерина Чакмакоска – Клинческа, актер

Катерина Чакмакоска – Клинческа за улогата на Пеце во претставата “Да инспекторе…” на театраот “Војдан Чернодрински” се закити со наградата за актер на фестивалот “Гола месечина” во Скопје.

Тоа беше поводот за разговор со неа, за улогата, за претставата и за тоа што значи да се биде актер.

-“Претстава со грешки” или како што е во нашата верзија “Да инспекторе…” е одличен текст, комедија со многу специфичен хумор. Од прво читање се заљубив во текстот. Идејата да се собират актери и да направат претстава, ама ништо не им оди од рака, а на изведбата им се случуваат милион грешки, а тие по секоја цена се трудат да ја одиграат до крај е одлична. Самата изведба беше многу специфична за нас, како актери, да се одигра на некој начин како аматер кој се труди да одигра професионална претстава по секоја цена. Полн погодок беше првата соработка со режисерот Синиша Евтимов. За мојот лик, батлерот Пеце, заедно со Синиша постепено го создаваме, на крај да излезе верзија од која двајцата бевме задоволни. Синиша точно ме насочуваше каде и како да го креирам ликот. Со искуството повеќе сфаќам дека комедијата е жанрот во кој се чувствувам слободно и природно. Не дека не ги сакам другите жанрови, ама на комедијата особено í се радувам. Ми лежи, како да сум во својата кожа. Таа има свој јазик, своја динамика и ритам. Една е од потешките форми за играње. Не е лесно да насмееш човек во публика. Напротив, тоа е најтешко. Впрочем, актерството, мојата професија, е игра. Колку повеќе и поискрено се заигруваш, толку е подобар резултатот. Се трудам секогаш да се “заигрувам” повеќе. Драго ми е што последователно дојде и наградата за женска улога на фестивалот “Гола месечина” на театар Комедија. Тоа е прекрасен фестивал под отворено небо. Ми беше посебно искуство. Наградата е само поттик за да продолжам со исто темпо. Си посакувам многу претстави во иднина, а другото само ќе си дојде – вели Катерина.

За актерката, театарот е посебно место во кое што се губи секој љубител на драмата, место каде што сака да се сокрие од надворешниот свет.

-Театарот е слобода. Можам без страв, наивно, искрено, детски да верувам и да создавам нови светови. Тоа е суштината на професијата. Никогаш да не заборавиме да си играме. Да се биде на сцената, значи да се биде креативен, одговорен и игрив. Не можам, а да не се сетам на зборовите од Горан Стефановски “Јас сум смртник, не припаѓам никому. Јас стојам на работ на ништо” – потенцира таа.

Првата улога на сцената на театарот ја одигрува на седум годишна возраст во претставата “Јунаците од бајките пеат” во режија на Петар Димоски. Потоа како аматер игра во други младински претстави. Дипломира на ФДУ во Скопје во класата на проф. Владо Цветановски и асс. Мими Таневска во 2012 година. Од 2013 година е вработена во театарот “Војдан Чернодрински”.

Меѓу остварените улогите се Груша “Кавкаски круг со креда”, режија Мартин Кочовски, Елена во “Сон на летната ноќ”, режија Нела Витошевиќ, Каролина во “Казимир и Каролина”, режија Нела Витошевиќ, Алисон во “Обѕрни се во гнев”, режија Кристина Димитрова, Вдовицата “Фигурае Венерис хисторие”, режија Наташа Поплавска и Милена “Семејни приказни”, режија Милош Б. Андоновски. Во 2015 година е номинирана во весникот ДНЕВНИК за актерка на годината за улогата Евдокија во “Буре Барут”, режија Наташа Поплавска.

Loading