„ВО  ДВОБОЈ СО ТИШИНАТА”  – НОВ ПОЕТСКИ РАКОПИС ОД ТОНИ ПАВЛЕСКИ

„Во двобој со тишината” е новата поетска збирка од нашиот поет Тони Павлески, со која уште на прагот што љуби подава и на срце легнува, како надежта.

 Во последниот поетски запис, поетската реч на Павлески, според Сузана Ѓорѓиевска, прилежно го следи ритамот на животот, кадарна да се вгнезди во дамарите на нашиот ден како сакан и канет гостин.

-Тони Павлески дише поезија, живее за поезијата. Поетскиот израз му е силен и прецизен.  Гаѓа во вистинското место и секогаш погодува. Песните, неподелени во циклус, го милуваат литературниот говор и без разлика дали се широки или песни тесни, со стихови од два, од еден збор, не те пушта да заминеш. Тој  е поет по кој се посега многупати, наситка нема од неговата интимна збирка. „Во двобој со тишината” лови крик, јаснотија, душата – мелем и наслада – посочува Ѓорѓиевска за последната збирка од авторот.

Досега ги потпишал стихозбирките „Воскресозборие”, „Икона”, „Говорот на љубовта”, „Пред налетот на зборот”, како и хаику збирките „ Во Деницата” и „полноќно сонце”.

Павлески е член на Клубот на литературни творци Прилеп и низ годините  е поет кој се одликува со автентичност во поезијата.

ЧОВЕК

Тој е ној

што не го снемува веднаш,

штом распавта со крилјата,

што ќе поживее уште пет

или десет децении

после губењето

на топлината и светлината,

по враќањето во утробата земја.

Тој  е оној

што ја имал таа ѕвезда

Да биде одбележан како човек,

Едноставно така

при изборот и изгорот сопствен.

Т.П.

Loading