ДИМНА ЈУДА ГРАД ГРАДИЛА

Некои сознанија доаѓаат доцна. Многу доцна. Пред многу години, некаде во младешката возраст, првпат имавме можност да гледаме концерт од “Танец”. Одлично. Меѓу другото имаше пејачка група која посебно предизвикуваше восхит кај публиката. Покрај другите песни, ја исполнуваа и песната – “Димна Јуда”

Димна Јуда мамо град градила,

на планина мамо на баир.

Зборот “баир” не ни беше познат, но брзо осознавме дека тоа е високо место, рид, спротивно од чаир (рамнина). Турски се двата збора. Но, нејасни ни беа зборовите “димна” и “јуда”. Така останаа долго време. Најпосле, по многу години разбравме дека димна значело прекрасна, а јуда било самовила. Инаку, пред да дојдеме до ова сознание, сме прашувале многумина, но одговор не сме можеле да добиеме. За зборот “димна” никој ништо не можел да кажи. ЈУДА некои го поврзуваат со библиската личност, предавникот на Христос. Се разбира, тоа нема никаква врска. Значи, ЈУДА е самовила, а за ДИМНА приказната е малку подолга. Дојдена е од придавката ДИВНА. Тој збор има грчко потекло. И тоа не сме гоз наеле, но ете, така било. Во српскиот јазик тој збор си фатил место и станал литературна норма. Кај нас не е така. Го нема во нашиот јазик. Се среќава многу ретко во поезијата. Ќе цитираме неколку стихови од Блаже Конески во “Сончева колона”:

“И в миг ко веда ја светна силно безумна мисла, но мисла дивна: не!

Не е тој”!

Рековме дека зборот, епитетот гласи “дивна”. Како се дошло тогаш тоа да стане “димна”. Тоа се случило со познатиот преод на “вн” во “мн”.  Така, наместо “одавна”, се дошло до “одамна”. Уште постојат луѓе (од постарата генерација) кои наместо “многу” тие велат “вногу”. Така, самовилата од ДИВНА станала ДИМНА. Песната “Димна Јуда град градила” не сме ја чуле одамна, но ете, осознавме дека тој наслов може да гласи – “Прекрасна самовила, град градила”.

Рековме дека некои сознанија стигнуваат доцна, а за некои зборови воопшто нема да сфатиме, да го разбереме нивното значење. Таков е зборот “рудо” (рудо грло). Нели, постои таква песна, многу често сме ја слушале и ја слушаме:

“Да ти видам бело лице и рудото ти грло”.

Какво е тоа грло за кое се вели дека е рудо? И сега се прашуваме и мнозина сме консултирале, одговорот уште го нема. Некогаш, во второ или трето одделение учевме песничка:

“Имаме крава шара

везден в поле трева бара.

 Имаме и овци руди

кој ги виде се се чуди”.

Руди овци се кадрави, со кадрава волна. И за човек со кадрава коса може да се рече дека е руд. Но, за грлото не можеме да речеме дека е рудо. Во некој случај тој збор може да значи – црвеникаво. Може да се рече дека зората рудее. Нели, кога ќе се појави зората има таква црвеникава боја! Но, за грлото и тоа не е карактеристично. И така, во песната грлото ќе си биде рудо, а ние не знаеме што значи тоа. Нека се јави некој ако има некое точно сознание!

Loading