ГО БАРААТ ОТСЕКАДЕ, НО МОЖНО Е ДА ЈА ОДБЕРЕ – ПОБЕДА!

Фудбал: Што ќе одлучи голгетерот Бојан Спиркоски?

Победа стана прволигаш. Фудбалерите ги потврдија квалитетите. Многумина имаат понуди од други клубови. За Бојан Спиркоски се зборува дека се заинтересирани неколку клуба од земјава и од странство. Понудите не се изненадување, оти во кариерата успешно настапувал како професионалец во Победа, Силекс, чешката Јихлава, а во претходново првенство во конкуренција со околу 600 фудбалери беше најдобриот второлигашки стрелец со 20 гола.

– Вистина е, но ништо не е готово. Можно е да останам покрај интересот на други клубови. Таа опција не е исклучена. Набргу ќе имам средба со водечките луѓе на Победа од што ќе произлезе конечната одлука – рече голгетерот со број 10 на дресот.

Минатото првенство ќе се памети по публиката, дерби-натпреварите со Слога, Пехчево и Беласица, по драматичната завршница. На три кола пред крајот Победа беше трета, за по две наредни кола не само да стигне до првото место, туку и да обезбеди пласман во прволигашкото друштво. Колку и да беше тешко, целта е постигната.

– Добро заврши покрај кризни моменти. Најдобро одигравме кога најмногу требаше – во финишот. Пресудни беа искусните играчи, со одиграни многу мечеви под притисок. Обрската ја исполнивме. Останува управата да го задржи ,,костурот,, –  смета Спиркоски.

Јуни е месецот за новости – за дојдени, заминати, останати, за фудбалери, тренери, датум за почеток на подготовките, за тоа кој ќе ја менаџира и кој ќе ја финансира Победа.

Loading