“ПРАЗНА ГАЛЕРИЈА” ОД МЕТОДИ ИСКОВ

“Празна галерија” е изложбата од  нашиот уметник Методи Исков, што ќе биде отворена вечерва од 19 ч. во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков”. Се нудат три сегменти скулптури и слики.

Првиот говори за тоа дали ја препознаваме уметноста, во вториот е цената на уметноста, а во третиот  за комплетното уметничко дело.

-Првиот дел е инсталација со репродукции на скулптурите кои се одбрани земајќи го во предвид периодот на создавање во време во кое уметноста можеби не се сметала за “комплицирана” и ги поставува прашањата: Дали фигуративноста е повеќе препознатлива за пошироката публика? Дали несообразното толкување на ликовните перцепции и интерпретации на уметничкото творештво го продлабочуваат нарушениот однос меѓу посетителот и уметникот? Каков е односот меѓу публиката и уметникот во современието и разбирањето на уметничките дела? Дали на уметноста гледаме како на мал отвор без при тоа да стигнеме до суштината? Во вториот дел се скулптури и слики поставени во однос на маркет производи (редимејд) кои взаемно се поврзани со лента на која е испишано “гратис”. Оваа инсталација од портрет на античка скулптура/слика. До нејзе е поставен производ (редимејд). Прашањето кое го поставувам себе си и на публиката е дали се сведуваме на материјалноста, така што културата и уметноста стануваат “ефтини”? Го доловувам концептот на тоа колку ја вреднуваме уметноста, односно дали уметноста е толку евтина што може да ја купиме и во маркет, па и да ја добиеме гратис. Инсталацијата од портрет на античка скулптура и до нејзе поставеното сончогледово масло кое меѓусебно се поврзани со лента на која е испишано “гратис” е композиција која го доловува моментот на маркет, а со поставеноста во ликовна галерија добива сериозна перспектива. Завршувам со сликите преку кои го поставувам прашањето – кога уметничкото дело е комплетно завршено? – вели уметникот Исков.

Методи Исков е дипломец на ФЛУ во Скопје. Покрај индивидуалните уметнички ангажмани, важен дел е изработка на скулптури, вклучени во урбанистички план на Скопје, учествство при изработка на палета мозаици, од кои во црквата Св. Констанин и Елена во Скопје, во базиликата на Св. Благовештение во Назарет – Израел со ликот на Пресвета Богородица, на Црквата Св. Петка во Прилеп… автор е на повеќе мурали од кои оној во градската библиотека, уметничко го уредувал Етно Крушево… Учествувал на групни изложби во земјава и имал самостојна изложба во градот.

Претседател е на ДЛУП.

Loading