ДОБИТНИЦИ НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

БЕДИА БЕГОВСКА, актерка

Стапнувајќи во театарот во 1970 година, во авангардната драмската група “Орхан Вели” во која режирал легендарниот Рахим Бурхан, каде бидува забележана од професионалните колеги, на чиј наговор, се пријавува на аудицијата, која успешно ја поминува, веќе во 1971 година, го почнува со својот професионален ангажман во Театарот на народностите, денешниот Турски театар .

Изминативе 50 сезони на настапи на матичната сцена со повремени гостувања во други театри Бедија игра според потребите на проектите и на други јазици. Одиграла стотина ролји, повеќето главни, насловни или протагонистички. Поиндикативно за актерската кариера е исклучително широкиот дијаметар на ролјите, како Коштана, Јерма (Лорка),  Хасанагиница (Симовиќ), Федра (Расин), Бернарда Алба (Лорка), Мајка Храброст (Брехт),  Груша (Кавкаскиот круг со креда – Брехт )…

Пишувањето на пиеси за деца е една од големите љубови на Беговска која не е случајна, ниту од краток здив. Таа укажува на сестраниот талент и буен темперамент. Потврда се неколкуте драми за деца изведувани на матичната сцена, а некои и во странство. Тоа се драмите “Малите – големи љубови”, “Будење”, “Мојот свет”, “Орхан”,…

Беговска била на висината на задачата во повеќе филмови, серии, рецитали, поетски читања. Треба да се потенцира долгогодишниот настап “Глумците пеат” каде беше една од најмаркантните изведувачи, со несомнени гласовни можности, чии интерпретации уште се паметат.

Добитничка е на наградата “11 Октомври”, “Златен ловоров венец” на МЕСС, “13 Ноември”, Орден на трудот со сребрен венец, “Млад борец”,  Актер на годината…

Формално му припаѓа на ансамблот на Турскиот театар во Скопје и најголемиот дел од маркантниот опус го оствари на турски јазик, несомнено í припаѓа на интригантната целина на специфичниот –  мултикултурален –  македонски театарски простор. Играјќи долго и мошне посветено, истражувајќи ги актерскитер можности храбро и ризично, готова да експериментира дури и со најрадикалните режисери. Се изборила за статус на една од најреспективните и најоригинални ѕвезди на современото македонско  глумиште.

РУСОМИР БОГДАНОВСКИ, драматург

Роден е 1948 година во Ниш. Дипломирал драматургија на ФДУ во Белград (1972) каде магистрирал театрологија (1997). По дипломирањето, работи како драматург, па и уредник на играната програма на МРТВ. Во 1987 година бил избран за наставник по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје, каде што подоцна предава драматургија. Се пензионирал како редовен професор.

Автор е на книгите “Комедии”, и “Солун, Лерин, соништа, драмски текстови”. Комедијата :Ништа без Трифолија” е објавена во “Антологија савремене српске комедије”. Објавувал во списанијата  во Нови Сад, Белград и Скопје. Потпишан е на повеќе драми, драматизации, филмски и телевизиски сценарија.

Добил награди за сценарија и за драми. Неговите драми се играни во во Македонија, а преведени се и играни во Словенија, Србија, БиХ и Бугарија.

Loading