ВЕЧЕРВА ЗАПОЧНУВА 56-ТО ИЗДАНИЕ НА МТФ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”

Претстави со критички и отрезнувачки поглед

Вечерва од 19.30 ч. во големата сала на ЦК “Марко Цепенков” ќе се крене театарската завеса и ќе почне 56-то издание на МТФ “Војдан Чернодрински”, кое ќе понуди осум претстави во официјална конкуренција, три во придружната и промоции на книги.

Пред настапот на МНТ со “Народен непријател” во режија на Нина Николиќ, свечено ќе им бидат доделени наградите на годинашните добитници на наградат за животно дело на Бедиа Беговска и Русомир Богдановски.

Публиката ќе проследи претстави избрани од селекторот д-р Иван Додовски, кои се пресек на домашната театарска продукција, и кои ги одразуваат сегашните дострели на македонскиот театар, кој и тематски и формално ги испитува можностите за соочување со нашата загрижувачка стварност.

– Осумте претстави сведочат дека театарот, сепак, не престанал да ги истражува и да ги покажува со јазикот на сценската игра, двете најсуштински димензии на човекот, слободата и достоинството. Претставите се од голем формат и со силен режисерски печат. Првиот впечаток е дека во редот на искусните режисери, како Миќуновиќ и Милчин, се приклучуваат режисерски имиња од средната и од помладата генерација. Во претставите можат да се издвојат значајни актерски, драматуршки, сценографски, костимографски и композиторски остварувања. Официјалната програма овозможува да се гледа театар што го премостува хијатусот на затворањата и стравот. Тоа е театар што нуди критички и отрезнувачки поглед кон самите нас – посочува Додовски.

Loading