ПОБЕДА Е ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ!

Фудбал: Младинска супер лига

Од првенството во Младинската фудбалска супер лига остана уште едно коло, но и на две кола пред крајот познат беше шампионот – Победа!. Прилепскиот тим ќе настапи во младинската Лига на шампионите од УЕФА. Највреден е триумфот од 2:1 врз Вардар, на дербито во Скопје, со головите на Давид Иваноски и Филип Тодороски. Победа со 59 бода е далеку пред Вардар кој е со 52. Во средата беше претпоследното коло, Победа – Њу старс (2:1), а Вардар слободен, така што и в недела дуелите се чиста формалност – Македонија ЃП – Победа и Вардар – Ренова.

Што најмногу придонесе за успехот, Победа да биде пред Вардар и досегашниот шампион Шкендија?

– Фактор е нашата напорна работа веќе четири-пет години. Најголемо значење ставам врз заедништвото, другарството меѓу играчите со Стручниот штаб. Успехот е на екипата, а не на поединците. Тоа нé оддели од ривалите – смета Христијан Јосифоски, играч за врска.

Титулата во Младинската лига е втора за Победа, по 2003-04, кога тренер беше Кирил Овезоски, сега координатор на Школата. Тренер на сегашната младинска екипа е Филип Мирчески.

Loading