ИЗНЕНАДУВАЊЕ

Навистина изненадување. Пријатно! Според состојбите во нашиов јазик, дури би се рекло големо изненадување. Така барем го доживеавме ние.

За време на првомајските празници Дојран бил исполнет со туристи. Новинарите, како обично, известуваат и разговаат со посетителите. Им поставуваат разни прашања. Ни го задржа вниманието една госпоѓа од Радовиш. Откако одговори на новинарските прашања, изговори ваква реченица: “На сите работници од Македонија им го честитам празникот и им пожелувам се најубаво”. Обична реченица, нели? Но ние не ја доживеавме само како таква. Госпоѓата го изговори глаголот ПОЖЕЛУВА, одамна заборавен, а толку потребен. Што ѓавол влезе кај сите наши новинари, интелектуалци, политичари, па сите наместо “пожелувам” велат “посакувам”. Ви “посакувам” многу среќа, колку пати сме ја слушнале оваа реченица и многу други слични. Зошто луѓето не можат да сфатат дека тоа е погрешно? Зошто не можат да сфатат дека кога некој ќе рече посакувам’ значи има желба нешто да добие за себе? Ви “посакувам” среќа значи имам желба да ми дадете среќа. Тој глагол може да има и значење “побарувам”. Да ви посакам пари на заем значи исто што и да ви побарам пари. Глаголот посакувам’ (сакам) во одредени случаи може да значи и “треба”. Еве една реченица: “Лозјето не сака молитва, туку сака мотика”. Сме ја слушнале оваа пословица. Значи за лозјето не треба молитва, туку треба работа. Постојат многу примери. Сме пишувале повеќепати. Нашиве новинари наместо да не поздрават, тие посакуваат среќа. Зошто го отфрлаат глаголот “пожелувам”, а тој е вистинскиот збор! Зошто ваква нелогичност станува норма? Го слушнавме и Премиерот како им се обраќа на работниците, им го честита празникот и им посакува среќа (наместо пожелува). Голема е моќта на телевизиите. Луѓето го прифаќаат тоа што го слушаат, мислејќи дека тоа е точно, правилно. Голем е гревот на новинарите. Се прави уште една голема нелогичност. Пак тие, новинарите, на крајот од емисијата велат: “Имајте пријатна вечер”. Наместо да ни пожелат пријатна вечер тие ни заповедуваат да имаме пријатна вечер. Истовремено и се дистанцираат од поздравувањето. Ни велат самите да имаме пријатна вечер. Телефонираме, бараме во разни редакции, ги бараме лекторите. Пред неколку години разговаравме со извесна лекторка. Укажувавме на некои грешки. Таа вели: “Им го кажувам тоа на новинарите, но тие сметаат дека така било подобро, како што велат тие”. Чудно, мошне чудно! Тогаш зошто постојат лектори?! За овие нелогичности, не треба лектор. Треба само малку да се размисли. Многу често го слушаме и она  “Бидете поздравени”. Демек, бидете си самите поздравени, сами поздравете си се.

Често ѕвониме по телевизиските куќи, сакајќи да разговараме со лекторот. Ѕвониме упорно, но никој не се јавува. Само пред извесно време добивме врска со ТВ Сител. Му рековме на соговорникот дека сакаме да разговараме со лекторот, а тој не праша  “Што е тоа лектор”!!!

Велиме дека пријатно не изненади госпоѓата, радовишанка, која се јави од Дојран. Не ја знаеме нејзината професија. Сето нејзино излагање беше коректно, на убав македонски јазик. Локалниот говор во Радовиш не е многу близок со литературниот македонски јазик, но госпоѓата зборуваше мошне убаво. Како што треба да се зборува пред микрофон. Се јавуваат одвреме-навреме и такви личности. Но, оние што се должни да зборуваат на македонски литературен јазик, НОВИНАРИТЕ, носат голема вина, преголема.

Ви благодариме и ви честитаме госпоѓо од Радовиш.                                                                                                

Loading