ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ШТИТИ ЦЕНОВНИТЕ ШОКОВИ

Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик! За јазикот и за идентитетот не преговараме! Редовно ги слушаме овие, веќе излитени, фрази. Дали ќе слушнеме некогаш дека јазикот ќе го усовршуваме? Дека ќе настојуваме правилно да зборуваме? Дали ќе настојуваме грешките да бидат сведени на минимум?

Постојат, се прават крупни грешки, а се прават и навидум ситни, безначајни. Но, дали се ситни? Ќе споменеме некоја од тие “ситните”. На една ТВ постои емисија која не запознава со некое наше село. Убаво е тоа. Емисијата носи наслов (последната што ја гледавме): – “Мое село Стањевци”. Зошто не – “Моето село Стањевци”? Зошто се испушта членот? Тоа го слушаме редовно: “Мој термин” во амбулантите. Зошто не – “Мојот термин”? Слушаме реклама – “Мој Тинекс”. Зошто не “Мојот Тинекс”? Вакви “ситни” грешки слушаме често. Всушност, ретко некој мисли дека тоа се грешки. Испуштањето на членот, карактеристично за скопскиот говор. Го слушаме и го читаме редовно и никому ништо. Интересен податок. Пред Собранието на Македонија, постои сообраќаен знак за забрането возење и под него текст: “Освен за Собрание на РСМ”. Пред да почне одредена седница, читаме “Седница на Собрание на РСМ”. Е сега барем овде не треба и не смее да се прават вакви грешки. Именката СОБРАНИЕ е определена, точно се знае на кое Собрание се однесува. Таа мора да биде членувана – СОБРАНИЕТО. Значи тука можат да се движат само возила од СОБРАНИЕТО. Од нашето Собрание, не од некое си друго, непознато. Ситни грешки, нели? Ајде, еве и една покрупна или поточно, многу крупна. Читаме превод од извесен сериски филм. Се случил непријатен настан. Се случила престрелка. Еден човек бил ранет. Го пронашле случајни минувачи. Објаснуваат дека го пронашле во некоја ЈАРУГА. ЕНДЕК, ШАНЕЦ, ДЛАБНАТИНА, КАНАЛ, РОВ, БЛАТО, којзнае какво било тоа место каде што бил ранетиот. Ете, нашиов преведувач ги прескокнал сите можни македонски зборови и го зел српскиот – ЈАРУГА.

Заборавивме! Водителот на емисијата “Мое село”, за селото Стањевци, кај Свети Николе, објаснува за карактеристиките на селото, за начинот на живеење… Тој се наоѓа во селото и вели: “Тука се садело некогаш и житарица”. Тој е во самото село, зошто не вели ОВДЕ, а вели ТУКА? Зошто не вели дека се сеело жито, туку вели дека се саделе житарици? Житото од секогаш било жито, а не житарица. Освен тоа, житото се сее. Не се сади. Замислете колку колчиња би биле потребни да се насади една нива со пченица! Ама ете, водителот вели дека житото или (според него) житарицата се садела. А прилогот “овде” којзнае од кога не сме го чуле на нашиве ТВ. Во скопскиот говор тој прилог и не постои. Еминентен, долгогодишен телевизиски водител, поканил гости да дебатираат на одредена тема. Почнува, ги претставува гостите и вели: “Тука во студиото се присутни”… Зошто не вели “Овде во студиово се присутни”?… Тој е внатре, во самото студио. Ако е некој во својот дом, ќе рече: “Овде, во мојот дом”, а не “Тука, во мојот дом”. Многу, многу такви грешки.

Уште две нелогичности. Спортски коментатор! “Македонија ја победи Италија со 0 спрема 1”. Глупост! Македонија победи со 1 спрема 0, а Италија загуби со 0 спрема 1.

Што ќе работела Владата? “Заштита на граѓаните, заштита на стандардот и заштита на ценовните шокови”! Замислете, Владата ќе ги заштитувала ценовните шокови. Наместо да ги штити граѓаните од ценовните шокови, таа ќе ги штитела самите шокови. Е, па, браво за Владата. Ценовните шокови ќе бидат заштитени. Никој не ќе може да ги спречи.                                                                                                                      

Loading