ПОБЕДА СЕ ТЕСТИРА СО ПРВОЛИГАШ, ПЕЛИСТЕР

Фудбал

Пауза е во второлигашкото првенство, можност за пријателски мечеви. Екипата на Победа в сабота (15 ч.) на Градскиот стадион во Прилеп ќе одигра против битолски Пелистер. Добредојдена проверка со соседскиот ривал, во момент кога двата тима се приближни по квалитетот. Прилепскиот тим е втор во Втората лига – Исток, битолскиот последен во Првата лига. Прилепскиот има тренер битолчанец – Димитар Капинковски, а во битолскиот игра прилепчанецот Христијан Вецески.

Претходно Победа одигра најдобро второ полувреме со пет постигнати гола преку Бојан Спиркоски, Даниел Карчески, Филип Спиркоски по еден и Оливер Христов два, за конечни 5:2 со Детонит во Радовиш. Искористен е поразот на Слога со 1:0 од Кожуф во Гевгелија. Дури на 2 април е следното коло, Победа – Братство. Тимот од Житоше претходно со 0:3 дома загуби од Беласица.

Табела: Слога 42, Победа и Беласица по 41, Саса 40,  Осогово 27, Кожуф 26, Пехчево 23, Детонит 20, Братство 13, Локомотива 6.

Loading