“СВЕТУЛКИ” ПРЕД ПУБЛИКАТА ЗА ДЕНОТ НА ТЕАТАРОТ

27 Март – Светски ден на театарот

Театарот “Војдан Чернодрински” со изведбата на претставата “Светулки” во режија на Драгана М. Попова, утревечер од 19.30 часот, ќе го одбележи 27 март Светскиот ден на театарот. Современата претстава е полна со суптилности. Претставата е живот во контрасти со тежината на која тие ја содржат и ја носат со себе.

При тоа ќе биде прочитана македонската и светската порака за Денот на театарот. Македонската порака ја напиша театрологот, писател и професор д-р Ана Стојаноска, која посочува дека Театарот постои откога постои човекот и дека во секој од нас се крие еден изведувач и тоа прво го чувствуваме, а потоа го освестуваме.

– Театарот е најубавата уметност што постои! Затоа што театарот постои само во мигот додека го гледаме и тука е скриена таа магична моќ, во тие неколку часа да бидеме некој друг свет, во друга вистина, друга приказна. Кога ќе се изгаснат рефлекторите, светот што го исткал театарот исчезнува и засекогаш се вгнездува во нашата меморија. И толку. Живееме предизвик од време, изместено и од координатите на општото добро, но и од личните достигнувања. Не само пандемијата, туку и промените во светот, животот, дома, придонесе и на театарот да му се измести комоцијата. Како секогаш, кога имало вакви разбурботени времиња, театарот се обидувал да се снајде. Театарот е пиреј. Преживува и преживеал сé. Не само болести, војни, уништувања, туку и печатот, радиото, телевизијата, видеото, дури и интернетот. Театарот ја носи во себе интимната човекова доблест – да се снајде! Исто колку што ја носи и таа да се спротивставува (на која повеќето забораваме). Театарот е гласот на отпорот во миговите кога сите други гласови се замолчени. Важно е да го чуваме. Нам, што нé припитомил театарот, задача ни е да сме гласни и кога другите молчат, да кажеме кои факти се неточни, на кое место минатото на театарот е фалсификувано. Затоа што и тоа се случува. И денес. И кај нас. Бидејќи ние го создаваме театарот – писателите, режисерите, актерите, костимографите, кореографите, музичарите, сценографите, дизајнерите на светло, видео уметниците, сите активно вклучени театарски луѓе, но, и публиката, критичарите, театролозите, професорите од театарските школи, академии и факултети, на нас е и одговорноста, да го чуваме театарот, да му овозможиме да се снајде и да преживее и во вакви времиња.

Затоа порачувам да бидеме похрабри, драмските автори и писателите да пишуваат поотворено, похрабро, помоќно, режисерите да не си седат комотно во комфорните зони, актерите да се предизвикаат себе си и да направат уште поголеми изведби. Најважно од сé, публиката, критиката, театролозите, професорите да се искрени пред себе и пред театарските уметници, да се говори јавно, отворено, да се критикува, но не да се критизира, да се инспирира, да се отвораат можностите, да не се дозволува еден или двајца луѓе да креираат програма, да се даде шанса на сите што ја заслужуваат. Оти сите му сме потребни на театарот. Ние, што се сакаме со него, да го збогатиме светот. Да ни е жив театарот, да му е силен гласот, да му е цврсто местото и да ги полни гледалиштата и физичките и дигиталните, да ја разменуваме енергијата, да ја пренесуваме емоцијата, да е посилна катарзата.

Автор на светската порака е Питер Селерс, САД, кој истакнува дека ние живееме во епски период и човечка историја, со длабоки и последични промени во кои ги искусуваме меѓусебните релациите типични за човечките суштества; и оние, кон нечовечките светови кои се над нашите способности да ги досегнеме, да ги артикулираме, да зборуваме за нив и да ги изразиме.

Loading