МАНДАТОР – МАНДАТАР

Кога ќе дојде време за парламентарни избори, мошне често ги слушаме зборовите “мандатор” и “мандатар”. Раката на срце, ги слушаме и мошне често со погрешно значење. Зборовите се многу слични, луѓето не размислуваат доволно. Некои не знаат и ги слушаме тие зборови со испомешано значење. Грешките се најчесто од новинарите, а и од политичарите. Најнепријатно е кога ги слушаме и од оние кои даваат мандат, а и од оние кои го примаат мандатот. Годинава мандатот го даваше Претседателот, господин Стево Пендаровски, а го примаше, господин Димитар Ковачевски. И слушавме погрешна употреба. Се грешеше во тоа кој е мандатор, а кој е мандатар. На ТВ, при известувањата или коментарите на новинарите, често не може да се разбере значењето на едниот или на другиот збор. Некои можеби мислат дека значењето им е исто. Не е така. Многу убаво е објаснето тоа во Лексиконот на странски зборови и изрази од Вујаклија. Објаснето е опширно. Нема да го приведуваме сиот текст. Доволно е ако се каже дека МАНДАТОР е оној што го дава мандатот, а МАНДАТАР е оној што го прима. Во нашиов случај мандатор е Претседателот Пендаровски, а мандатар беше Димитар Ковачевски. Кај Вујаклија пишува дека “мандат”е налог, наредба, полномошно, овластување. Зборовите имаат латинско потекло.

Земјотрес во Битола. Од сите наши ТВ се изнаслушавме дека земјотресот бил со јачина од 5.6 степени по Рихтеровата скала. Ова сме го слушале и за други земјотреси, надвор од нашава земја. Редовна грешка е тоа. Геолошките и метеоролошките појави се мерат со сила и интензитет а не со јачина. Цврстите предмети се одликуваат со јачина, јакост, тврдост. Земјотресите се мерат и со магнитуда, но никако не со јачина. Значи, земјотресот во Битола бил со интензитет (со сила, со магнитуда) од 5.6 степени според Рихтеровата скала.

Во Софија заминале министрите и нивните заменици. Изразот “заменици на министрите” го слушаме редовно. Треба да се рече: Заменик-министрите. Заменик-министер е титула и како таква претставува определен поим во администрацијата. Во таа група спаѓаат и другите изрази како помошник- министер, заменик-директор, заменик-претседател… Се прави и друга грешка. Сите слушаме од новинарите: “е разговараме со господинот министер тој и тој”. Именката “господин” не треба да се членува. Таа е граѓанска титула, господин -министер. Значи: “Ќе разговараме со господин-министерот”. А се прави грешка и при обраќањето. Новинарката вели: “Господине министре” или некогаш вели само: “Министре, сакам да Ве прашам””. Овде нема потреба од вокативна форма. Се вели: “Господин-министер, сакам да Ве прашам”…

Необична грешка или пропуст. Пропуст зашто навистина мислиме дека е така. Човекот од кого што ја чувме оваа грешка бил лектор во Универзитетот “Кирил и Методиј”. Зборуваше за Блаже Конески и рече: “Тоа што требал да го стори Блаже Конески”. Грешката е во употребата на безличниот глагол “треба”. Зошто да не биде: “Тоа што требало”? Тој глагол, со таа форма се употребува и во еднина и во множина и во машки и во женски род. Така би се рекло: Тој требало да го направи тоа, таа требало да го направи тоа, тие требало да го направат тоа, јас требало да го направам тоа. Во сите ситуации останува формата “требало”. Грешката ја слушнавме од човек што не би го направил тоа и затоа сметаме дека е случаен пропуст. Но сме слушале и во други пригоди. Затоа укажуваме на оваа недоследност. Сме слушале: “Таа требала да го направи тоа и тоа” или “Тие требале” и… Сме запишале ваква реченица: “Вие требавте да заминете на одмор, но не знам зошто не сте го сториле тоа”!

Значи – НЕ ТРЕБА ТАКА.

Loading