“ИМЕТО ТИ Е НАДЕЖ” –  ВТОРА ЗБИРКА ПОЕЗИЈА ОД СУЗАНА Д. РУЛЕСКА

“Името ти е надеж” е новата збирка поезија од нашата сограѓанка Сузана Д. Рулеска, која допира со моќно стиховно пеење, накитено со ефекти од мноштво ритмички стапки и  изразни средства.

Рулеска мошне инспиративно го гради односот меѓу терминот ЈАС, врската со  бележитата ориентација да се биде сакан и да се сака, како и сопственото доживување и пошироко во секојдневниот простор. Песните виреат со една самостојност, оригиналност и имаат процес на  движење во ареолот на величање на мигот.

Според  рецензентот Илија Меркоски, збирката е поетско качување со далечна визија пред себе во димензија на творештвото, со нагласен процес на  поетско мерење и бележење на настаните вон временски, за сепак значајни за ловот на сопствената сенка во животот.

Како дипломиран новинар, љубовта на Сузана кон поезијата е одамнешна. Таа е член на Клубот на литературни творци – Прилеп, почесен член на фондацијата Такец… Добитник е на бројни награди од земјата и од странство. Стихови í се објавувани во повеќе антологии на поезија. Предизвик í се меѓународните виртуелни литературни конкурси. Соработува со поети од Србија, Хрватска, Индија, Перу, Аргентина…

НАДЕЖ ВО ЦВЕТОТ

Да играме со боите на розата,

да пееме во црно белиот свет,

затоа што овој бал е бал на мирот,

бал на љубовта, на еднаквоста,

на среќата, бал на подадените раце.

Илјада цветни бои ни шепотеа

во нив бескрајни мисли се топеа,

љубов ширеа и пораки  носеа,

црно бели  искри трепереа

во срцата  радост сееја.

Надежни цветови

со боја на љубов тие беа,

со боја на среќа,

со боја на радост.

Илјада бои со опоен мирис

ја играа црно белата игра

во овој црно бел свет,

илјада цветни бои ја ширеа

пораката  за мирот.

Автор Сузана Д. Рулеска

Loading