ВТОРО МЕСТО ЗА ВЕЛЕСКИ МЕЃУ 97 ШАХИСТИ ВО ПАРАЌИН

Шах: Убав успех на нашиот фидемајстор

Во шахот бројките зборуваат. Прилепскиот фидемајстор Роберт Велески стартуваше како 10. меѓу 97 шахисти од 17 држави на Аматерското отворено првенство на Параќин, Србија. По одиграни 9 кола со 7 поена го освои 2. место, што е еден од најуспешните негови пласмани досега. Совлада шахисти од Австрија, Србија, Индија, Италија и од Македонија, ремизира со ФМ Гариќ и Цветановиќ од Србија. Загуби само од Емануел Лазиќ од Босна и Херцеговина.

– Првенството имаше силни играчи независно од титулите. Единствениот пропуст имав кога загубив од млад Босанец, во партија со големи шанси да победам. Се вратив во игра на следните партии. Највредна е победата со ФМ Диниќ. Во последното коло се борев за првото место во меч со Цветановиќ. Одев на победа, на крајот беше реми, што му одговараше на противникот да биде победник со половина поен повеќе. Задоволен сум и со второто место  – изјави Велески.

Велески со душа чека нова шаховска можност, но неизвесно е кога и каде со оглед на познатите околности.

Loading