„МОЈОТ ПАТ НИЗ ПЕСНА“ ОД ЗЛАТКО ЛАШКОСКИ ПОСТХУМНО

Збирката поезија

“Сега кога крајот може да дојде

кај бога горе да се појде

сакам на сите како на брат

да ви раскажам за мојот пат.

Од мал бев актер главен

Преку филм и Тв станав славен

Ми велеа ваква шанса нема втор пат

Но јас не ги слушав и го терав мојот пат…

Ова се дел од стиховите во збирката поезија “Мојот пат низ песна” од Златко Лашкоски, што постхумно беше промовирана, по повод годишнината од неговата смрт.

Објавени се 49 песни создавани во минатите 40 години. Авторот напишал стихови за неговиот пат, за Прилеп, за младоста, за другарка, за љубената, за спомените….

Промовирајќи ја, Слободан Беличански посочи дека збирката е поетско- музичко чедо, родено за рецитирање и за пеење.

-Поезијата личи на ова време, интернетско, кое инсистира на кратки и чувствено со ефектни пораки и на отворено и на херметично затворено меѓучовечко комуницирање. Стиховите се полни со емоции, особено машко – љубовни. Тие се мешавина од љубовни таги и радости, вери и невери, каења и проштевања. Неговата лирика е проткаена со жал за младоста и со свест за трошноста и минливоста на животот… Додека ги читам златковите песни како да се слуша неговиот жизнерадосен и громогласен говор. На секоја ми се “лепи” инструментална придружба. Песните заслужуваат да бидат нотно збогатени – посочи Беличански.

Билјана Трчкоска, пренесувајќи го нејзиното Мементо за Златко, вели8 дека вечно ќе го помни позитивниот дух, енергијата и љубовта несебично дарувајќи ги низ чекорите на неговиот пат низ песна.

Златко Лашкоски го посвети целиот прерано згаснат живот на македонскиот фолклор, покажувајќи ја страста кон македонската традиционална музика. Беше долгогодишен секретар на фестивалот “Пеце Атанасовски”, ангажирајќи се со сета страст во организацијата на овој значаен фестивал што го негува македонскиот фолклор и традиција.

Loading