АДМИНИСТРАЦИЈА ПО МЕРКА НА ГРАЃАНИТЕ

Жарко Стеваноски – кандидат за градоначалник на групата избирачи – “Че вреди”

Кои се приоритетни прашања за граѓаните следниве години?

Приоритет број еден за Прилеп е воведување на професионална општинска администрација која ќе биде способна да се носи со реализација на сите инфраструктурни проекти кои ги нудиме со програмата.  Остварувањето на овој приоритет ќе доведе до реорганизација на јавните претпријатија во остварување на нивните дејности и нудење на една сосема поинаква услуга на граѓаните и за жителите на населените места.

Какви капитални проекти му се нужни на градот?

Конечна и целосна реализација на уличната инфраструктура во градот со воведување на трим патеки на што е можно поголем опфат во градот до периферијата, довршување на отпочнатите нереализирани проекти за изградба на затворениот базен и детската градинка и конечно отпочнување на постапките за изградба на водоводен и канализационен систем по населените места. И конечно генерален урбанистички план, во чие донесување активно ќе биде вклучен стопанскиот сектор и сите заинтересирани домашни и странски инвеститори.

Какви итни комунални зафати ќе преземете?

Дефинитивно итна реорганизација на јавните претпријатија Водовод и канализација, Комуналец и ЈП за ПУП, формирање на зимска служба и набавка на две возила за зимско одржување на улиците, набавка на современи возила за собирање на смет, отпочнување на постапка за доизградба на фабриката за рециклирање на отпад и една сосема поинаква функционалност на јавните претпријатија, усогласена на животниот ритам на жителите, за да се знае како се одржува хигиената и како се решаваат комуналните проблеми на граѓаните.

Како ќе се спаравите, според проценките на стручнаците, со бројната и инертна, не секогаш способна администрација?

Нудиме електронски систем за прием и следење на предметите оформени по барања на граѓаните, кој подразбира следење на општинската администрација по барање на граѓаните, рокот за реализација, професионализмот на службениците и квалитетот на донесените одлуки.  Практично овој систем овозможува во рок од неколку месеци да се изврши диференцијација на квалитетниот кадар од неспособните општински административци кои понатаму секако ќе си го најдат местото или на други работни задачи каде можат да работат или во приватниот сектор каде сигурно ќе научат како се заработува месечната плата.

Сите говорат за трошење на локалниот буџет, никој не зборува за дополнителни извори за полнење на буџетот преку партнерства со приватниот сектор?

До денес сите локални власти го злоупотребуваа приватниот сектор, а никој не понудил можности за развој на приватните бизниси во насока на партнерство со локалната самоуправа. Трошењето на локалниот буџет ќе биде сведено на минимум. Граѓаните ќе се запрашаат што се правело до сега, а приватниот сектор ќе има можност неселективно да учествува во делењето на јавниот колач преку постапките за јавни набавки и користење на услугите на општинската власт кои ќе го подобрат нивниот бизнис план.

Транспарентност? Дали ќе организирате служба која брзо, промптно ќе одговара стручно и јасно на прашањата на јавноста 24 часа, седум дена во неделата?

Транспарентноста ќе се развива во две насоки и тоа воведување на транспарентност на советот и транспарентност на градоначалникот и општинската администрација и јавните претпријатија. Седниците на советот ќе се пренесуваат јавно, а сите трошења, активности, одлуки во форма на информации со документација ќе бидат прикачувани на офоцијалната страница на општината и јавните претпријатија. За сите дополнителни информации јавноста навремено ќе биде известувана во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со посебен приоритет во информирањето на новинарите што ќе се сведува на одговор веднаш или за неколку часови.

Ќе паѓаат или ќе растат цените на локалните комунални услуги?

Цените на локалните комунални услуги сигурно нема да растат. Напротив, за цените кои се веќе дефинирани, ќе се зголеми квантитетот и квалитетот на услугите кои се должни да ги дадат јавните претпријатија. Конечно граѓаните ќе имаат можност преку ЈКП Комуналец и по сопствен избор да побараат услуги и да им бидат понудени услуги кои дополнително ќе ги плаќаат, како на пример уредување на дворните површини и отворените површини на деловните објекти.

Имате ли некои идеи за субвенции за граѓаните, а кои ќе бидат од полза на сите?

Преку статистиката на Министерството за труд и социјална политика и ЈУ МЦСР Прилеп за социјално ранливите групи граѓани ќе се изготви акционан план за целосно или делумно субвенционирање на оваа група жители за набавка на елементарните средства за достоинствен живот, а преку соработка со невладиниот сектор општината ќе се вклучи кон што е можно поитна изработка на проекти за вклучување на овие граѓани во процес на социјална инклузивност која ќе ги реши егзистенцијалните проблеми на долг рок.

Loading