ПРВИН ДА СЕ ИСЧИСТАТ БОИТЕ ОД ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА

Дејан Јанкуловски – Носител на листата за советници за Прилеп од ИНТЕГРА Македонска конзервативна партија

Носител сте на листата на советници од ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија. Кои се другите личности кои ги предводите?

Кандидатурата за носител на советничка листа ја прифатив од повеќе причини. Луѓето кои ги предводам се искрени и чесни. Го сакаат својот град и се посветени на работата и на семејствата. Во листата имаме кандидати со различни занимања и опфатени се повеќе генерации.

Зошто ја барате довербата на граѓаните? Што им нудите и за што ќе се залагате?

Довербата ја бараме затоа што веќе 30 години, партиите кои биле на власт ги манипулираат и ги омаловажуват граѓаните. Не сме информирани за случувањата во локалната самоуправа. Ќе се залагаме било која администрација под контрола на локалната самоуправа, да биде сервис на граѓаните со воведување на двосменско работење. За донесувањето на било каков друг проект за изградба или инвестиции, граѓани ќе можат да донесуваат одлуки преку формирање на работни тела во кои ќе бидат вклучени.

Вашето лого е ,,Храброст за промени,,? Имаат ли прилепчани храброст да направат промени?

Прилепчани и тоа како имаат храброст за донесување на промени. Тоа го докажале нашите претци. Сега се потребни промени да ги придвижуваме нештата кои 30 години тапкаат во место. Би почнал од чистење на општинската зграда, која партијата на власт се потруди да ја извалка, но за 4 години не најде средства да ја исчисти, а ветуваа огромни проекти што е огромен апсурд. Прилеп е најпроменливиот град кој знае кога е време и кои се вистинските луѓе.

По 30 години независност и доминацијај на двете најголеми политички партии, каква е политичката клима за помалите партии како Интегра?

Политиката клима за помалите партии како што е ИНТЕГРА е на завидно ниво. Нродот во нас препознава излезна светлина, крај на тунелот во кој 30 години патуваме и никако да излеземе. Наши приоритети се не само да ги задржиме, туку и да ги вратиме исселените млади и кадри, потребни на градот за понатамошен развој на економијата и сите други гранки од стеблото на економијата.

Вашиот кандидат за градоначалник Зоран Митрески се залага за искористување на обновливите извори? Имаат ли слух граѓаните?

Кандидатот за градоначалник од ИНТЕГРА, Зоран Митрески, поседува огромно знаење и искуство во енергетиката. На Општината í се потребни такви луѓе да се обноват постојуните извори на директна заработка на средства. Прилеп има ресурси, руди и минерални богатства кои досегашните власти за добри профити ги продаваат на концесиионери од Грција и Турција. Моментно има неколку мермерни рудници со повеќе од 300 странски државјани платени од 1500 – 1700 евра месечно. Во истите, наши околу 100 работници земаат плата од 400 до 600 евра. Плус се граѓани од втор ред во сопствената земја. Со преземање на локалната власт од ИНТЕГРА, тоа ќе заврши и ќе се направат промени за добивање на концесија.

Што му треба на Прилеп? За просперитет, за подобро утре на генерации што следат?

Многу му треба на Прилеп и населените места. За да се врати некогашниот просперитет треба да се тргне од промена на самите себе, па потоа да ги наведеме и другите на себепроменување. Искрено, да се врати довербата кај граѓаните во државните и локалните институции, потребно е време, во кое ќе се работи чесно, одговорно и професионално, со внесување на вистински кадри на вистински работни и одговорни позиции.

За земјоделците и тутунарите? Како да им се помогне?

Прилеп покрај што е индустриски град, го има водечкото место во земјоделието. На земјоделците им е потребна помош од локалната самоуправа во патната инфраструктура до обработливи површини, потоа заштита на тутунарите и поддршка на локалната самоуправа.

Се залагате за зачувување на битот на Македонецот. Можно ли е?

 Македонецот ќе го биде, само ако од власт се тргнат профитерите кои мислат како да дојдат до средства, да го наполнат џебот преку тендери и разно-разни анекси на договори. Сé е можно, затоа што народот одлучува. Со дадениот глас за нас, како партија, а, пред сé, како луѓе, конечно ќе почнеме процес со кој битот на Македонецот ќе биде на прво место. Се надевам на масовна поддршка на 17 октомври за ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија и заокружување на бројот 20. Со Божја помош и промисла, до успех!

Кој е Дејан Јанкуловски?

– Роден сум во Прилеп 1982 год. Живеам во с. Загорани, работам во Прилеп. Првото средно училиште го завршив во ЕМУЦ како електро техничар електроничар во Прилеп, а потоа продолжив како специјалист машинобравар 5-ти степен во Велес. Потекнувам од земјоделско семејство. Дополнителна дејност ми е земјоделието. Обработувам околу 20 хектари пченка, пченица и мал дел на тутун.

Loading