КОМПРОМИТИРАН ВОЗДУХ

Туѓи зборови влегуваат во секој јазик. Македонскиот не е исклучок. И тука треба да има извесна мера. Кај нас тоа е прекумерно. Користиме туѓи зборови и кога нема никаква потреба. Честа е појавата кога луѓе, за да го експонираат своето интелектуално ниво, употребуваат странски зборови и изрази. Често се употребуваат такви зборови без да им се знае вистинското значење. Постојат луѓе кои во својата секојдневна дејност редовно ги употребуваат зборовите кои ја означуваат таа дејност или производот нејзин, а не им го знаат вистинското значење. Трукерајскиот занает веќе, речиси, не постои. Беше доста актуелен во минатото. Се везеа чаршави или некои помали украсни парчиња. Се отпечатуваа разни шаблони на платното врз кои везилката ќе везе. Постоеше посебен вид на вез кој мајсторите го викаа ,,блудирање,,. Многу погрешно. Тие луѓе живееја од таа дејност, но наместо ,,бродирање,, велеа ,,блудирање,,. Таквиот вез се вика БРОДЕРИЈА. Потеклото на зборот е француско.

Познаваме човек кој е занаетчија. Одличен електричар. Објаснуваше за некои жички кои биле намотани на некој предмет, за кој воопшто не се разбираме. Електричарот вели дека жичките биле премачкани со двокомпетентен лак. Го слушавме внимателно. Кога дојде до ,,двокомпетентен,, се спротиставивме. Покрај сето неразбирање во електричарскиот занает, рековме дека не може тој лак да биде двокомпетентен. Се накостреши малку. Вели: ,,Јас цел живот се занимавам со тоа и сега ти ли ќе ми кажуваш,,! Замолчевме. Не натера тоа да пребаруваме, да препрашуваме за името на тој лак. По подолго време, од извесен инженер дознавме дека е тоа всушност ДВОКОМПОНЕНТЕН лак, а не ДВОКОМПЕТЕНТЕН. Му го кажавме тоа на електричарот. Немаше каде. Прокоментира: ,,Ете, и на старост да научам нешто што не сум го знаел,,.

Друг занаетчија. Се занимава со изработка на метални предмети. Главно, со изработка на метални огради. Имавме таква потреба. Се колебавме со каква боја треба да биде бојосана оградата. Човекот објаснува дека како и да биде бојосана оградата, прво треба да се намачка со основна боја. Вели: ,,Таа се вика минимум,,. И тука се спротиставивме, како со електричарот. И тој реагираше многу слично. Се чувствуваше и малку навреден. За двокомпонентниот лак не знаевме ништо, а за ова дека тоа не е МИНИМУМ туку МИНИУМ, знаевме. Му објаснивме на мајсторот дека минимум значи нешто најмалку, а основната боја за металните предмети се вика МИНИУМ. Се разбравме некако. Поверува мајсторот. Вели: ,,Можеби е така, ама сите го викаат минимум,,. Не ќе да е баш така. Не го викаат сите така, но тој така го слушнал.

Ајде, на овие луѓе може и да им се прости за ваквите грешки. Но, она што го слушнавме од новинар во телевизија е непростливо. Во тетовската болница можело да настане катастрофа. Оштетени биле во болницата цевките за довод на кислород. Најверојатно тоа го направиле несовесни луѓе. Тие цевки се бакарни и можеби сигурно сакале да ги отсечат и да ги продаваат како отпаден материјал. Навистина можело да настане катастрофа. Болницата преполна со пациенти на кои им е неопходна кислородна поддршка. Во случајов, слушнавме катастрофална јазична грешка. Се прашуваме дали е можно такво нешто. А штом го слушнавме, значи можно е. Новинарката го објаснува доста опширно овој немил настан. Вели: ,,Оштетена цевка со компромитиран воздух,,. А, всушност, станува збор за КОМПРИМИРАН (набиен, згуснат) воздух. Голема е грешката. Огромна е разликата меѓу КОМПРОМИТИРАН и КОМПРИМИРАН. Да веруваме дека е случајна.

Loading