ПОЛИТИКА ЗА ГРАДОТ И ЗА ГРАЃАНИТЕ

Славе Петрески, кандидат за градоначалник на граѓанското движење „Одлучно за промени” на партиите ЛДП и ДОМ

– Се сменуваа цели ДУП-ови да се задоволат интересите на поединци, а предмети на граѓаните стојат со години. За 30 години нема ниту еден капитален проект

Кандидат сте за градоначалник на граѓанското движење „Одлучно за промени” на партиите ЛДП и ДОМ. Партиципирате во власта, а на локално ниво самостојно?

– Иако ЛДП на централно ниво е во коалиција со СДСМ, на локално ниво на овие избори одлучивме да одиме сами, бидејќи кај народот се забележува огромно незадоволство од 30 годишното владеење на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ кои тераат само политики, за свои интереси, а не политика за градот и за сите граѓани.

Бизнисмен сте. Претходно бевте и директор на ЈП за ПУП. Зошто се откажавте од позицијата?

– Функцијата ја напуштив после само 6 месеци, бидејќи имаше многу недоразбирања со актуелниот градоначалник, најмногу околу набавките, а особено за скапо купените автобуси на метан. Бев против нивно купување.

Што друго детектиравте?

– Се сменувале цели детални планови да се задоволат интересите на поединци, а предмети на граѓаните стоеле нерешени со години. Во Прилеп за 30 години нема ниту еден капитален проект. Се градело нешто само пред избори како овие последниве. Прашувам зошто беа потребни 4 години да се асфалтираат улици 40 дена пред изборите.

Членувањето во политичките партии се доживува како алатка за вработување?

-Ветувам прекинување на вработувањето по партиска линија, како досега. Истакнувам дека сега вработените од ВМРО-ДПМНЕ во администрацијата не работеле, оти биле сега од спротивната партија, а оние од СДСМ велеле ние сме сега власт и ние не работиме. Ами кој да работи, јавно прашувам?!

За што ќе се залагате, која е вашата идеја за градов?

-Приоритетите на програмата на граѓанското движење „Одлучно за промени” на партиите ЛДП и ДОМ за Прилеп се поделени во повеќе области како инфраструктура, транспорт, спорт, култура, здравство, земјоделие, рурални подрачја. Имаме многу идеи за подобрување на бизнис климата, отворање на нови работни места, како до развој на спортот и културата. 

Loading