ПЕНАЛИТЕ ОДЛУЧИЈА ПРЕД 4000 ГЛЕДАЧИ

Фудбал: Победа немаше среќа со Вардар

Pobeda

 

И кога се второлигаши, големите ривали Победа и Вардар го привлекуваат вниманието. На Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, се собраа близу 4000 гледачи. Се работи само за 1. коло од Купот на Македонија, а како да е финале и битка за пехар. На трибините два часа набој од домашните и гостинските навивачи. А долу на прекрасниот терен борба до последниот атом од силите. До последниот пенал, бидејќи во основниот дел немаше победник.

Атмосферата ги понесе домашните фудбалери, кои ја имаа иницијативата. Капитенот Карчески ја погоди гредата, Анѓелески опасно се закани, се случија повеќе мешаници во гостинскиот шеснаесетник, а гол немаше. Корнери до пред самиот крај изведуваа само прилепчаните – 10, а скопјани ниеден. Дури на крајот имаа еден. Што вредат корнерите, кога се бројат головите. Искусниот Блажевски со силен удар од далечина го доведе Вардар во водство во 53. минута. Стадионот ,,занеме,,. Тешко беше домашните да се вратат. Особено по исклучувањето на Карчески во 73. минута. Со играч помалку ситуацијата изгледаше безнадежна. Но, надежта згаснува последна. Покрај целосната контрола врз играта на Вардар, во 95. минута правдата дојде на место. Прилепчани израмнија по последниот корнер, а по скок и удар со глава на Анѓелески. Ерупција од одушевување, а извиците од публиката како некогаш се слушаа километри и надвор од градот. Гледачите кои пред 10 минути заминаа, кога слушнаа се вратија да ги гледаат пеналите.

Golot na Angeleski za Pobeda

Пеналите беа посебна приказна. По четирипати непогрешливи беа и домашните и гостите, а во последната серија ударот на домашниот младинец Петејчук го одбрани Илиќ, додека победоносен гол излезе дека е на гостинскиот Петковски. Судиите имаа свој удел, бидејќи за неважечка ја сметаа одбраната на домашниот голман Котевски во третата серија, па му дадоа можност на Николов од вториот обид да ја затресе мрежата. Конечни 6:5, среќна победа на Вардар.

Победа оди во Виница

В сабота продолжува првенството од Втората лига – Исток. Победа, по триумфите над Кит-Го (2:1) и Кожуф (2:1), ремито со Саса (1:1), оди во Виница кај лидерот Слога. Братство од Житоше по поразите од Слога (1:0) и Осогово (2:0), ремито со Беласица (1:1), дома игра со Кит-Го.

Табела: Слога 9, Беласица, Саса и Победа по 7, Кожуф 4, Кит-Го и Осогово по 3, Братство и Детонит по 1, Локомотива 0.

Loading