КАРЧЕСКИ: УБЕДЕН СУМ ВО ПРВОТО МЕСТО!

Фудбал: Победа гази во Втората лига – Исток

Pobeda

Убав залет зеде Победа во новото првенство од Втората лига – Исток, низ двете победи дома над Кит Го од Пехчево со 2:1 (стрелци: Даниел Карчески и Дарко Анѓелески од пенал) и во Гевгелија над Кожув со 2:0 (Бојан Спиркоски од пенал и Давид Јошески). Оправдана е кандидатурата за пласман на врвот од табелата, за враќање во прволигашкото друштво. Прилепскиот тим и некомплетен (без Анѓелески и Филип Стомнароски) и на гостински терен, се покажа силен.

– Првите кола секогаш се тешки. Петмина сме нови. Со досегашните се направи добар колектив. Од меч на меч играме се подобро. И Во Гевгелија, каде моравме да направиме рокади, излезе одлично. Секој во тимот дава максимум. Иако конкурентите, како Саса и Беласица, се квалитетни, убеден сум дека првото место ќе биде наше – смета Даниел Карчески.

Сите погледи се свртени кон двата наредни меча. Првиот е на 11 септември, првенствен, дома со лидерот Саса, а вториот е на 15 септември, пак дома, за Куп со скопски Вардар. Нови уживања на Градскиот стадион и за тие кои играат и за тие кои гледаат. Од Победа порачуваат дека се трпеливи, чекор по чекор, прво да се совлада Саса, а потоа да се мисли на Вардар.

Табела: Саса, Победа и Слога по 6, Беласица 4, Кит Го и Кожув по 3, Братство 1, Локомотива, Осогово и Детонит 0.

Подвиг на Братство

Никој не е,,отпишан,, во второлигашката конкуренција, а најмалку Братство. На првиот првенствен меч низ силен отпор загуби само со 1:0 од Слога во Виница, а дека нема шега со тимот од Житоше се виде во дуелот со довчерашниот прволигаш Беласица. Струмичаните со наведнати глави го напуштија теренот кај Могилата, по ремито од 1:1. Голот на Еркан Шаип донесе голема радост и оптимизам.

Во 3. коло Братство е гостин на Осогово во Кочани.

Loading