КОЈ МОЖЕ ДА ПОБЕДИ ВАКВА ПОБЕДА?

Фудбал: По мечот со Вардар

Игра и амбиент на прволигашко ниво

Pobeda

Иницијатива, 1 гол, 6-7 шанси, 4 стативи, тоа се фактите за Победа од пријателскиот меч со Вардар, на реновираниот Градски стадион ,,Гоце Делчев,,. Наспроти нерешениот резултат (1:1 со головите на Дарко Анѓелески за домашните и Трајче Стојковски за гостите), кој, се разбира, не е најбитен во претсезоната, сé беше на високо, прволигашко ниво. Амбиент од близу 2000 гледачи, навивање, борба како за пехар, брза, динамика по зелениот тепих. Две недели пред стартот од Втората лига – Исток, многу симпатизери задоволно прашуваат: Кој може да победи ваква Победа?

Навистина, кој? Беласица е довчерашен прволигаш, тим кој се спомнува како конкурент за првото место. Тренерот Александар Стојанов задржа дел од првотимците, доведе нови играчи, како голманот Стефан Митрев и неколку младинци (Академија Пандев), покрај бранителот Христијан Делевски (Плачковица). На пријателските дома изваде 1:1 со радовишки Детонит и со велешки Борец, загуби со 0:1 од кочанско Осогово. Струмица да има два прволигаша, а Прилеп ниту еден. Ова е тешко можно. Дали на Победа можат да í бидат пречки ланските ривали од второлигашкото друштво: Кит-Го (Пехчево), Слога (Виница), Кожуф (Гевгелија), Саса (Каменица) или Осогово? Може ли ,,тврд орев,, да бидат новите второлигаши: Локомотива (Градско), Братство (Житоше) или Детонит? Се очекува Победа да доминира во следново првенство. На гости тешко кој би се изборил и за нерешено со тимот предводен од прволигашки играчи, како Даниел Карчески и Бојан Спиркоски, во чија игра одлично се вклопуваат Дарко Анѓелески и сите други помлади. А дома? На идеален и поширок терен (105х70 метри) има услови за напади од сите страин и голови за уживање на публиката.

До првенствениот старт на 21 август има уште два пријателски со Охрид и Воска, а и за доведување на уште еден нов играч во Победа.

Шкендија во Кавадарци или Прилеп?

Прволигашот Тиквеш не беше сигурен дали мечот од 1 коло, в недела со шампионот Шкендија, ќе го игра дома, во Кавадарци. Проблем биле незавршените работи на стадионот, соблекувалните… Како алтернатива се спомнуваше Прилеп. Кој не би сакал да игра на преубав терен и пред многу публика.

MantaМанта донираше седишта

Фудбалскиот клуб Победа добива поддршка кога е најпотребно. Во овие моменти не е заборавен од некогашниот капитен, репрезентативецот, Марјан Стојкоски – Манта, сегашен претседател на ОФС Прилеп. Емотивно поврзан со клубот во кој ги помина најубавите денови, самостојно донира реквизити за функционирање и разубавување на стадионот.

– Подарив 1000 седишта на Победа. Прекрасно е чувството кога се дава. Претходно подарив два плазма телевизора на Градската болница – задоволен е Манта.

Loading