ЌЕ СИ ГО „УТЕПАМЕ“ ЛИ ЈАЗИКОТ?

ivce1Ќе се уривале дивоградбите на охридското крајбрежје, слушаме на сите ТВ. Мислења и реакции различни. Реагираат концесионерите. На една ТВ читаме со крупни букви – ,,Концесионерите биле затечени,,. А од презентерот слушаме – ,,Концесионерите биле затекнати,,. Погрешно е и едното и другото. Како и во други случаи, земени се српски зборови. Во српскиот јазик тоа си е нормално. Зборот ,,затечен,, таму значи изненаден. Кај нас не е така. Кај нас зборот ,,затекнат,, (затечен) има сосема поинакво значење. Да речеме дека некој барал некого, му отишол дури дома, но не го затекнал. Не се ставиле со него. Некој би рекол дека бара некого и го затекнал токму на излегување. Значи, токму тогаш се ставиле. Да не редиме други примери. А концесионерите биле изненадени, а не затекнати. Никој не им кажал дека ќе се уриваат објектите.

Не се сеќаваме дали беше реклама или апел од некое здружение на тутунопроизводители. Слушнавме апел – ,,Осигурајте го вашиот тутун,,. Оваа грешка ја слушаме многу често. Ја слушаме на ТВ, на радио, во печатот, а и во комуникацијата меѓу луѓето. Глаголот ,,осигури,, е од групата ,,И,, и во конкретниов случај треба да гласи ,,Осигурете го вашиот тутун,,. Придавката ќе биде ОСИГУРЕН, а не ОСИГУРАН. Глаголите од ,,А,, групата, тие имаат таква форма. Во императивот тие ќе гласат – Играјте, мавајте, трчајте и така натаму. А глаголите од групата ,,И,, ќе гласат – Осигурете, свирете, цепете и слично. Значи, тутунот треба да се ОСИГУРИ.

Членот, ах тој член, неопходен во нашиот јазик. Се отфрла непотребно или поточно – недозволено. Еве неколку примери: ,,Џо Бајден потпиша извршна наредба за Охридски и Преспански договор,,. Ќе биделе санкционирани оние кои не ќе ги почитуваат овие договори. Џо Бајден издал таква наредба за ОХРИДСКИОТ и ПРЕСПАНСКИОТ договор. Двете придавки е неопходно да бидат членувани ( ОХРИДСКИОТ и ПРЕСПАНСКИОТ).

Друг пример. Навестување дека ќе се продавало државното земјоделско земјиште. Ќе се донесувал таков закон. Реакции од повеќе страни. Законот бил деструктивен. Се наведуваат повеќе причини дека таквата идеја, таквиот закон би бил штетен. Се побуниле и од ,,Националната федерација на фармерите,,. Да, но ние читаме дека тоа била ,Национална федерација на фармери,,. Пак без член. Официјалното име треба да гласи – ,,Национална федерација на фармерите,,. Во ваков случај треба да биде членувана само именката фармери, треба да гласи ,,фармерите,,. А кога зборуваме, кога коментираме за неа, тогаш членувана треба да биде и придавката – ,,НАЦИОНАЛНАТА,,. Значи, реагирале од НАЦИОНАЛНАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА ФАРМЕРИТЕ. Друго е тоа што не смееме да ја викаме ,,Македонска федерација на фармерите,, туку мора да биде ,,национална,,. Ако напишеме македонска, ќе не кара чичко Џо Бајден. Така било според Преспанскиот договор.

За испуштањето на членот, најголемата ја имаат скопските национални ТВ. Тоа е својствено на скопскиот говор. А лекторите, новинарите, презентерите, забораваат дека треба да зборуваат на македонски литературен јазик, а не на скопски говор.

Еве уште еден скопски ,,специјалитет,,. Филм! Тонски превод! Репликата гласи: ,,Ако ти станам, ќе те утепам,,.

Ќе си го ,,утепаме,, ли јазикот?

Loading