„ПОСУДА“ ЗА УРИНА

ivce1Ќе се менувале дресовите на нашата фудбалска репрезентација. Што ли се крие зад оваа глупост? Ова не е наша тема, но, покрај тоа, го изразуваме својот револт. Каква мана му се најде на црвено – жолтиот дрес! Па тоа се боите на нашето знаме. Сега ќе имало три вида дресови. Спортскиот коментатор од извести дека едниот ќе бидел ,,трула вишна,,. Значи, не може да се изговори и најмал текст, а да не се направи грешка. Оставете ги Србите нека си велат ,,трула вишна,,. Зар, вие, господин спортски, одамнешен новинар, зар уште не научивте дека придавката ,,трула,, ја нема во нашиот јазик?! Редно е да го научите тоа. Не знаеме точно во каква нијанса ќе биде ,,убавиот,, нов дрес, но ако сакате да кажете дека тоа прилега на ,,трула вишна,, можевте да го кажете тоа и на македонски – ГНИЛА ВИШНА. Ако е бојата уште позатемнета може да се рече и ,,скапана,,. Во денешново време таквата боја ја викаат ,,бордо,,. Некогаш, нашите баби ја викаа ,,ѓувезна,,. Ете, таков дрес му подаривме и на Папата. Зошто баш таков, а не црвено – жолт нека кажат други.

Рековме во почетокот дека не може да се случи и во најмал текст а да нема грешка. Сега се практикува на секој купен производ да има декларација на македонски јазик. Убаво е тоа, неопходно е. Но, дали се води сметка колку е чист тој македонски јазик што го читаме? Еве еден интересен пример. Купивме две стерилни чаши од аптека. За во лабораторија. Ете, и на нив залепена етикета со неопходните податоци. На едната пишува дека е произведена во Турција, а другата во Италија. Пишува кој е увозник и, се разбира, адресата на увозникот. И најважното, пишува дека тоа е ,,посуда за урина,,. На македонски, нели? Купувачот треба да биде информиран на македонски јазик. Каде ли го нашле зборот ,,посуда,,? На македонски, тој збор гласи – ,,сад,,. Во конкретниов случај, најдобро е да се рече чаша. Всушност тоа и е чаша. Ама, ете, тоа е ,,посуда,,. Добро е што напишале ,,урина,, зашто по сите наши здравствени институции слушаме и читаме – ,,мокрача,, . На српски тој збор се пишува со ,,ќ,, но ете нашиве луѓе го помакедончуваат и го пишуваат со ,,ч,, – ,,мокрача,,.

Беше дојден во Македонија европскиот комесар за проширување – ВАРХЕИ. Чудно е, зошто нашиве телевизии, а и по весниците го пишуваат – ВАРХЕЈИ, со ,,ј,,. Во нашиот јазик буквата ,,ј,, никогаш не оди меѓу самогласките ,,е,, и ,,и,,. Тешко е и да се изговори. Убаво е тоа објаснето во Правописот. Таму пишува: ,,Меѓу две самогласки ако е втората И, не се пишува Ј,,. Дадени се и примери – свои, кои, никои, славеи, идеи,…. Нашиве луѓе напишале погрешно со ,,ј,,. Рековме дека тоа е тешко да се изговори. Нека проба секој да го изговори ВАРХЕЈИ, како што е напишано, ќе види дека при изговорот на ,,ј,, ќе има тешкотија.

Така, секогаш и насекаде, грешка до грешка. Во преводите на сериските филмови грешките не се доброваат. Во еден таков инсерт слушаме како еден од актерите зборува за извесна девојка. Таа требало да добие нешто, но, ете, добила веренички прстен. По којзнае кој пат се прашуваме каде се лекторите. Уште не се научија дека во македонскиот јазик прстенот не е веренички, туку е свршенички. Кај нас не е веридба, туку е свршувачка.

Уште една честа грешка. Гледавме емисија на српски јазик. Сопственикот на извесен имот објаснува што е негово, а во односниот простор имало и куќа на неговиот брат. Тој вели – ,,Она куќа преко пута је од мога брата,,. А ние читаме превод – ,,Онаа куќа преку улица е од брат ми,,. Ние ја гледаме куќата, а таа не е преку улица. Нашиов преведувач не знае дека тоа ,,преко пута, значи ,,отспротива,, а не преку улица.

Ако! Не е само тоа што не го знаат нашиве преведувачи.

Loading