УШТЕ 11 ДЕНА ОДМОР

Ракомет

Одморот за суперлигашот Прилеп нема да биде ни два месеца. Според одлуката на Стручниот штаб, првиот собир е на 27 јули, педесетина дена по крајот на минатото првенство. Ништо ново. Откако е тренер Горан Кузманоски, порано се тргнува со тренинзите. Така беше и лани, на истиот датум.

На првиот собир се очекува присуство на сите првотимци, вклучувајќи ги засилувањата. Последното е Србинот Жарко Барјактаревиќ. Настапува на дефицитарна позиција, десен бек, значи се служи со левата рака. Важно е и тоа што е висок скоро колку и голот – 197 сантиметри. Досега настапувал за Раднички од Крагујевац, Железничар од Ниш, Металопластика од Шабац, Врање и за Јуниор Кисела Вода од Скопје. Претходно дојде левиот бек Христијан Милошески, прилепчанец од Бутел. Значајно е што се продолжени договорите со левиот бек Давор Шокоски, десното крило Реваз Чантурија – капитенот, левото крило Христи Бикоски и пикерот Александар Тренчевски.

Првенството би требало да стартува на почетокот од септември.

Loading