СЕ ВРАТИ ЕДИНСТВЕНИОТ КОЈ ИГРАШЕ И ПРЕД 11 ГОДИНИ

Фудбал: Победа носи засилувања, од кои последното е Карчески

Pobeda

Според амбициите за освојување на првото место во Втората лига – Исток, доаѓаат нови имиња, засилувања во екипата Победа. Најново е Даниел Карчески, 29-годишен проверен прволигашки фудбалер од средниот ред. Тука е по две години, по успешните настапи за Силекс, со кого го освои Купот и излезе на европската сцена. Долго беше во Победа. Играше три сезони во Првата лига. Одигра и во сезоната 10/11 кога клубот го носеше името Викторија. Тој е единствениот играче од тогашниот состав, кој до првото место во Третата лига стигна без пораз.

Карчески е петтиот новодојден. Претходно пристигна 26-годишниот стопер Христијан Кукески (Слога Виница), кој има настапувано за Партизан, Обршани, Тополчани и 11 Октомври. Уште на првата прозивка се појавија играчите за врска Бојан Спиркоски (Велешта) и Игор Момировски (Слога Виница), стоперот Дарко Дигаловски (Саса). Не е исклучено да дојдат уште еден-двајца. Очекувано е поради интересот на фудбалерите од земјава за прилепскиот второлигаш. Штом Победа организациски и финансиски е зајакната, се нудат фудбалери од сите страни. Преодниот рок е до 6 септември, но спискот од играчкиот кадар сигурно ќе биде комплетиран многу порано.

Во подготовките се играат пријателски мечеви. Првиот беше добиен со 3:1 над радовишки Детонит на Могила, в сабота е дуелот со Братство од Житоше на истото место. Претстојат со Беса, Тиквеш, Вардар, Охрид и Воска.

Второто полувреме 10 минути пократко

Пријателскиот меч Победа – Детонит (3:1) не се доигра. Поради невремето со пороен дожд, силни грмотевици и секавици. Предвреме беше означен крај. Второто полувреме траеше 10 минути пократко. За Победа првите два гола ги дадоа младинците Христијан Јосифоски и Давид Јошески, додека третиот беше автогол.

Присуствуваа над стотина гледачи.

Loading