ДВЕ СЕСТРИ ЈА ПРЕДВОДАТ НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА

Одбојка: Продолжува ,,производството,, во ЖОК 11 Октомври

-Јана и Боркица Чергоски се кандидатки за Пионерската репрезентација

Odbojka

Женскиот одбојкарски клуб 11 Октомври има нерешлив проблем во задржување на своите играчи. Штом израснат во квалитетни одбојкарки, помоќните клубови ги земаат во своите редови. Така со години. При влезот во салата од ДТВ Партизан владееше неизвесност од тоа што ќе видиме. Што остана од клубот? Но, пријатно изненадување. Внатре убава атмосфера, разиграни девојки на кои не им е никаква тешкотија, ами задоволство да ги изведуваат сите вежби од тренерот Глигурче Локвенец. Група од 16-17 девојчиња меѓу 10 и 13-14 години, трчаат, скокаат, ги удираат топките со врвот од прстите. Оваа нова генерација е предводена од сестрите Чергоски, Јана и Боркица.

– Тренираат веќе две-три години. Помалата, 11-годишна Боркица не заостанува зад постарата, 13-годишна Јана. Одлично напредуваат. За нив нема тајни за смеч, блок, прием… Умешни се во сите елементи. Ги побараа за Пионерската репрезентација на Македонија. Според височината од 173 см., ништо чудно ако ги земат и во Младата репрезентација. Успеваат, оти многу се послушни и работат. Талентот е фактор од само 5 насто, а работата е 95 насто – вели Локвенец.

Во подготвителниот период ќе има пријателски мечеви со екипи од Битола, Кавадарци, Кичево, Скопје, сé до Традиционалниот турнир во салата од СОУ ,,Ѓорче Петров,, во октомври. 11 Октомври наесен ќе учествува во Пионерската лига на Одбојкарскиот сојуз на Македонија.

Loading