ЌЕ СЕ РАЗЛЕАТ ГАЈДИ, ЗУРЛИТЕ И ТАПАНИТЕ

На 2 и 3 јули  во Прилеп и на Рудина

festival Pece Atanasovski

Четириесетиседмото издание на фестивалот на народни инструменти и песни ,,Пеце Атанасовски,, ќе има манифестација на 2 и 3 јули. Во двете фестивалски вечери ќе учествуваат 336 изведувачи на фолклорниот мелос од целата земја со 34 групи и поединци.

 Вечерва (петок) повеќе групи на неколку места во центарот ќе ја разгалат душата на прилепчани и на гостите во градот со изведба на песни на изворни инструменти. Стартот е од 20 ч. на камената бина со демонстрација на раскошното фолклорно наследство изразено преку народните инструменти, гајдите, кавалите, зурлите, тапаните…. Ќе се потести на вљубеникот на изворната музика, од татка си Илија задоен со почитта спрема фолклорот, драгиот Златко Лашкоски (секретар на Фестивалот) кој почина од корона вирусот.

-Сеќавањата ќе ја исполнат душата со изворната музика и песна. Нашиот народ вели: ,,Песната е тука и кога е тешко, и кога е радост,, – велат од Фестивалот. Во галеријата на ЦК ,,Марко Цепенков,, ќе се одржи  симпозиумот на тема ,,Фолклорот во минатото и денес,,. А вечерта од 18 часот ќе бидат настапите на фолклористите на Рудина кај Долнени.

Паралелно, он-лајн течеше семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Тоа е дведецениска традиција за афирмација на народните инструменти  поврзана со Фестивалот за зачувување и пренесување на богатиот фолклор кај младите генерации. Годинава учествуваа 10-ина млади од Кочани.

Традицијата, љубовта за изворното се бескрајни, неуништливи и немерливи веќе 47 години на фестивалот, кој ја продолжува традицијата и ги одржува вековните фолклорни вредности на нашиот народ.

Loading