РАДОСТ, ДУРИ И ОНИЕ КОИ ТОПКА НЕ УДРИЛЕ

Фудбал: Братство од Житоше првпат е второлигаш

– Не може да се опише восхитот, туку само да се доживее – вели тренерот Ромер Муриќ

Bratstvo

 

Нема многу села околу Прилеп кои можат да се пофалат дека имале екипа во Втората фудбалска лига. Во подалечното минато беше Братство од Големо Коњари, во поблиското Партизан од Обршани, а наесен во овој ранг првпат ќе учествува Братство од Житоше. Најголем успех за клубот со прекрасно име, име кое не е само симбол на заедништвото, ами и гарант за стигнување до целта. По освоеното 2 место во прекинатото првенство од Третата лига – Југ, постигната е победа од 1-0 над Турново, во бараж-мечот. По триумфот, огромна веселба за  поттик на фудбалот.

– Прослава каква никој не памети. Пред селото нé пречека толпа народ. Дојдоа дури и тие што топка не удриле со нога. Лудница. Не се влегуваше в село. Се пробивавме можеби цел час. Огномети, знамиња, од сите околни места. Не може да се опише, може само да се доживее – вели Ромер Муриќ, тренерот.

Успехот на Братство е изненадување. Есеноска во преден план беше амбициозниот Напредок од Крушеани. Пролетва се замеша Ново Црнилиште, покрај Локомотива од Градско. На седум кола пред крајот Локомотива изби на првото место, а веднаш под неа – Братство. Настана прекин поради новите протоколи, по што моментната табела е прогласена за конечна. Локомотива веднаш влезе во Втората лига, а за Братство се роди шанса откако Тиквеш го совлада Силекс во баражот за Прва лига.

– Шансата се отвори – ненадејно. Некои играчи веќе беа заминати во Швајцарија. Но, не паѓаше амбицијата за повисок ранг. Иако името Турново малку нé плашеше, бидејќи некогаш играше во Првата лига, на европската сцена со Хајдук… Но, немаше што да загубиме. Укажаната шанса сега, можеби ќе се повтори по 100 години или никогаш. Победивме и добивме поддршка од цел свет, од дијаспората – открива Муриќ.

Повисокиот ранг е нов предизвик за Братство. Целта е што подолго да остане во тоа друштво.  Помош е најавена, покрај од дијаспората, и од општината, локалните фирми. Убав пример и за поголемите места. Од сите страни се нудат, помагаат, секој на свој начин. Некој со превоз, друг со исхрана. Зависно од буџетот, ќе се доведат и засилувања во играчкиот кадар.

– Играчи ќе земеме какви што недостасуваат. Фокусот е врз локалните момчиња од прилепско. Очекувам добри подготовки, со пријателски мечеви со ривали од истиот ранг. Девиза ми е – ,,Не е срамота и да се загуби, срамота е да не се проба,,. Штета е ако можеш, а не пробаш. Можевме, пробавме, и ќе видеме колкава ни е силата – порачува Муриќ.

Игралиштето во Житоше се дотерува, но се очекува да биде според стандардите дури напролет. Затоа неизвесно е на кој терен како домаќин наесен ќе игра екипата на Братство.

Победа и Беласица се фаворити

– Како што има најава, догодина ќе се прави една Втора лига. Половина од оваа лига треба да отпадне. Тешко ќе биде и за опстанок. Тие што претендираат за највисок пласман. Според имињата, Победа и Беласица се фаворити. Јасно е дека Победа не треба да биде таму каде што е сега. Доста í беше Втора лига и борба за опстанок – смета Муриќ.   

Loading