ОДЛИЧНИ АКТЕРИ – ЛОШ ЈАЗИК

ivce1Пандемијата принудува најмногу од времето да се минува дома. А дома, вечен придружник е неговото величество – телевизорот. Гледаме сé и сешто. Голем дел од програмите се пополнуваат со народни приказни. Раката на срце, тие веќе не личат на народни приказни, но ете, така ги насловуваат. Дури е чудно кога гледаме фабули од познати литературни дела преправани, преадаптирани и направени божем се тоа народни приказни. Необично се чувствувавме кога видовме дека прекрасната едночинка од Чехов ,,Мечка,, со некои мали преправки и доправки, беше прикажана како народна приказна. Ова не спаѓа во темите за кои пишуваме, за јазикот.  Но, не можевме да го одминеме тој некоректен факт, од драмите на Чехов да се прават народни приказни. Авторите на овие ,,творби,, се повеќе според онаа народната дека царот не го познаваат сите, па терај и прави што ќе ти текне.

Еве малку и за јазикот во тие приказни. Зар тука нема лектори? Ќе приведеме неколку реченици, онака како што сме успеале да ги прибележиме. Учесник во една одредена приказна, си доаѓа дома. Гладен бил. И се обраќа на жена си: ,,Ајде жено, припреми нешто за јадење,,. Многу честа грешка со именката ,,припрема,, и со глаголот ,,припреми,,. Тоа се српски зборови. Кај нас тоа гласи ,,подготовка,, а глаглот ,,подготви,, (подготвува). Во ваквата ситуација, независно кој збор ќе се употреби, српскиот или македонскиот, грешката е сепак присутна. Храната ниту се припрема, ниту се подготвува. Храната се приготвува или се готви. Односната реченица треба да гласи ,,Ајде жено приготви нешто за јадење,,.

Во извесна приказна станува збор за некакви златни чевли. Нема и не треба да ја објаснуваме фабулата. Ќе ги прибележиме само оние погрешни зборови што се споменуваат. Актерот ги држи  в раце тие златни чевли и вели: ,,Овој чифт златни чевли,,. Чевли не се купуваат како чифт или како тек. Едноставно тоа е едно рало чевли. Чудно е зошто зборот ,,рало,, сосема се одбегнува или дури и се заборава. А тоа е вистинскиот збор. Рало чевли, рало панталони, рало гаќи. Нели постои и една подзаборавена хумористична песна:

И ние сме Недо луѓе чорбаџии,

и ние имаме едно рало гаќи,

едниот соблечи, другиот облечи.

Го забораваме нашиот, вистинскиот збор, туку покрај чифт чевли, слушаме трговците да нудат и чифт панталони. Но, да се вратиме на приказната. Човекот што го има в раце чевлите, ја наговара девојката дека треба да ги облече. Голема грешка, мошне голема и редовна. Еве, надвор од приказната. Продавница на чија фирма пишува: ,,Продавница на обувки,,. Влегуваат луѓе, купуваат чевли и никој, ни купувачите ниту продавачите, не велат дека треба да ги обујат чевлите, туку сите велат да ги облечат. Дури некои кои купуваат влечки, и за нив велат да ги облечат. А продавницата е за обувки. Тие производи се обуваат, а не се облекуваат. Ајде, во продавниците, да речеме, влегуваат секакви луѓе, но приказните ги слушаме секојдневно на телевизија. Тој текст е неопходно да биде лекториран. Тука не смее чевлите да се облекуваат.

Прилогот ,,овде,, во скопскиот говор како да не постои. Во една од приказните, еден учесник сака да си го одземе животот. Сака да се обесе. Ја држи ортомата в раце и вели: ,,Ќе се обесам тука на ова дрво,,. Неусетна грешка, но грешка и сепак голема. Штом актерот вели ,,На ова дрво,, значи ,,Овде на ова дрво,, а не ,,Тука на ова дрво,,. Ако се употреби прилогот ,,тука,, тогаш тоа би било ,,Тука на тоа дрво,, а не ,,На ова дрво,,. Оваа грешка е многу честа. Никој и не размислува дека е грешка. Во многу преводи од српски текстови кога слушаме ,, Дошао сам овде,, читаме превод ,,Дојдов тука,,.

Пак од приказна! Некој некому му ја презел љубовницата. Слушаме ваква реченица: ,,Бог да го убие тој што ми те зема,,. Исто така, редовна недоследност во скопскиот говор. ,,Зема,, е глагол во сегашно време, несвршен. Треба да се употреби ,,зеде,,.

Неопходно се наметнува потребата да споменеме дека во приказните гледаме одлични, навистина одлични актери. Ех, кога би можеле да речеме така и за лекторите.

Loading