ИНТЕНЗИВНО ИЗНАОЃАЊЕ ПАЗАРИ ЗА ПРОДАЖБА НА ОТКУПЕНИОТ ТУТУН

Кире Станкоски, генерален директор на Тутунскиот Комбинат

24

Во пересрет на новата производствена сезона, тутунопроизводителите се пред повеќе предизвици, поради искуството од ланските кампањи проследени со низа контроверзии околу количините и цените на родот.

Уште траат интервенциите на тутунарите да добијат виза за зголемување на производството. Сепак, тензијата се смирува и се влегува во нормален тек. Последните две години на тутунарите им е олеснета процедурата за склучување на договори со откупните компании. Не се изложени на малтретирање пред подрачните единици за добивање на евидентен лист, туку со своите документи (имотен лист, договор за закуп на земја) одбираат во која компанија ќе ги евидентираат своите површини, а потоа компанијата им изготвува договори.

Реакциите на кооперантите во делот на количината на род на декар површина се оправдани?

Потребни се корекции на очекуваните приноси по декар, макар што и досега се толерираат плус/минус 10 отсто од приносите. За овој проблем треба да се вклучи науката, кооперантите и купувачите со цел да се реши. На оние парцели  каде што има наводнување, количината треба да се зголеми најмалку за  250 кгр од декар. Видовме лани што се случи кога во месец август поради обилните врнежи и топлото време тутунот нагло прерасна и се случи хиперпродукција од една страна, а од друга страна имаше голем број на кооперанти кои немаа склучено договори со ниту една компанија. За жал сеуште немаме седнато на маса со Здруженијата на тутунопризводители да се дефинира количината. Потребна е анализа од најмалку 10 годишни податоци од страна на Институтот за тутун.

Злоупотребите на производството на тутун од страна на некои кооперанти кои произведуваат по два, три или пет тони тутун, без да склучат договори со ниту една компанија, во голема мера влијаеше на вишокот на тутун?

Сите тие се здружуваа со цел да прават притисок како на Министерството така и на откупните компании. Од друга страна, Владата и компаниите, на сите кооперанти им излегоа во пресрет и се откупи речиси целиот род. Опасноста е во тоа што од минатата година кај откупните компании има непродаден тутун од околу 3000 тони. Минатава реколта беа договорени 23 000 тони тутун, додека се откупија 27 000 тони тутун. На овие 4000 тони  вишок тутун, кога ќе се додадат и од претходната година 3000 тони, откупните компании се доведуваат во голем ризик, бидејќи пазарот за ориентален тип на тутун секоја година се повеќе се заситува.

Исто така, и за цените треба да се седне на маса со Здруженијат?

Нема иницијатива до денес заради лошиот квалитет на тутун од последната реколта и поради падот на побарувачката, цените на обработен тутун кој се продава на големите светски компании се драстично намалени. За падот на побарувачката големо влијание има забраната за пушење, нелегалниот режан тутун, ел. цигари и кампањите против пушењето. Покрај ова голема улога одигра и пандемијата од вирусот. Нема проток на туристи, нема луѓе од странство кои се враќаат дома, затворени кафеани, ресторани, дискотеки,  казина и сл. каде овој производ најмногу се троши. Последната година цигарната индустрија е падната од 25-30 отсто. Нашиот ориентален тип на тутун Прилеп се вградува во секоја цигара од 5-10 отсто. Со други зборови кажано од една страна има пад од потрошувачката на цигари, а од друга страна производството на тутун расте. Тоа е тотална некорелација за иднината на тутунопроизводството.

За Тутунски Комбинат засега нема да биде проблем да го продаде откупениот вишок на тутун?

Покрај стандардните количини на тутун кои од нас ги купуваат нашите стратешки партнери ПМИ, откупивме и им излеговме во пресрет на тутунарите од Радовишко, каде пропадна една откупна компанија. Покрај тоа, откупивме одредена количина од вишокот на тутун за кои ни помогна Владата со 100 милиони денари. Сето ова, како ние така и другите компании, го направивме со цел да им излеземе во пресрет на тутунопроизводителите. Тутунски Комбинат е на добар пат да ја продаде целата количина на откупен тутун.

Големите светски цигарни компании го купуваат обработениот тутун од земјава, а оваа култура не е под режим на стокови резерви.

Тутунот не е вино и не може да стои со години. Ланскиот тутун се откупи, треба да се обработи и на крај да се вгради во цигарите. Доколку стои во магацините, година или две, губи на квалитетот и калира. Откупните компании прават договори со кооперантите на одредена количина произведен тутун, односно толку колку што тој откупен и обработен тутун можат да го продадат во цигарните фабрики. За да се регулира и намали хиперпродукцијата на тутун, во иднина нужно ќе биде преориентација на друга култура со соодветни државни стимулации. Тоа го направи Грција пред 15 години. Секоја хиперпродукција ја  загрозува иднината на тутунската индустрија и тутунските компании ги става во голем ризик, а со тоа во опасност се и тутунопроизводителите. Понудите и побарувачката на светските пазари ги диктира цените и количините на тутун во земјава.

НЕОПРАВДАНИ СЕ РЕАКЦИИТЕ ЗА КОЛИЧИНИТЕ НА УВЕЗЕН ТУТУН

Увезениот тутун е од друг тип, и со друг квалитет. Тие сорти на ориентален тутун кај нас не се произведуваат и не влијаат на вкупните количини на тутун во земјава. Целта на тоа законско решение е исполнување на производствените капацитети на компаниите кои имаат софтдрај технологија, а преку тоа во текот на годината ангажираат голем број на работна рака. Количините на овој тутун се многу мали кои влегуваат во производствените капацитети и тие не влегуваат во систем за да го загрозат производството на нашиот ориентален тип на тутун Прилеп. Освен нашиот тип Прилеп, други типови кои се произведуваат се: Катерини и Басма во Грција, Крумовград во Бугарија и Измир и Самсун во Турција. Овие типови се тотално различни од нашиот тип Прилеп кој е автохтон тип на тутун и ценет кај цигарните компании. Капацитетот на компаниите кои имаат софтдраин технологија е околу 30 000 тони, а во моментов потребите на светскиот пазар на нашиот тип Прилеп се движат од 20 -23 тони. Така вишокот на капацитет за обработка се искористува со увоз на тутун работат македонски работници кои заработуваат плус неколку плати во годината. До пред 4-5 години светските потреби за ориентален тутун се движеа околу 130-135 000 тони, додека последните година две, заради изнесените претходни причини, тие количини се движат околу 115-120.000 тони. Затоа сите треба да бидат свесни и реални на проблематиката или колку договори ќе се склучат, толку тутун да се произведе.

Loading