Пинг-понг: Кристијан Станојковски е неуморен
-Игра за два клуба: прилепскат Младост 96 и за Палилула од Белград
Гледајќи ги само резултатите, на многумина им изгледа лесно да се биде Кристијан Станојковски, деветкратниот пингпонгарски шампион на Македонија. Го бараат клубови, и каде и да се појави – победува. Кога ќе излезе на мегдан, сите очекуваат не само негов триумф, туку и максимален резултат од 3:0. Но…
-Истовремено играм за два клуба – прилепска Младост 96 и Палилула од Белград. Ми одговара распоредот и стигнувам на двете места. Кога има коло во Србија, таму сум на тренинг во вторник, среда и четврток, а во петок или сабота се мечевите. Кога има коло овде, тренирам во родната Крива Паланка или во Прилеп – вели Станојковски.
Палилула е српски второлигаш. Целта е да влезе во Првата лига. Екипата Младост 96 е во Супер лигата на Македонија. Целта е шампионската титула, прва за клубот кој постои точно 25 години. И двете цели се остварливи.
-Во Палилула ме повикаа да влеземе во највисокиот ранг. Моментно сме први на табелата. Први сме и со Младост 96. Овде е нешто полесна задачата, оти имаме поддршка од српскиот репрезентативец Стефан Костадиновиќ – смета тој.
Како што во фудбалот на послабите голмани им се паметат одбраните, на најдобрите киксовите, така и во пинг-понгот. Таму на послабите играчи им се памтат победите, а на најдобрите, како што е Станојковски, им се паметат само поразите. Затоа што мошне ретко му се случуваат. Сезонава покрај 12 победи, има и 2 пораза, кои му се случија по многу години.
-Есеноска беше тоа. На секој спортист може да му се случи. Едноставно, не ми беше денот – толкува Станојковски.
Со 26 години има богата кариера. Деветпати е македонски шампион, има повеќе медали од Балканско првенство, а еднаш беше прво место на ранг-листата на Балканот до 21 година. На Светското првенство во Германија имаше 10 победи и 3 пораза. Има цели за во иднина.
-Одиграв 6 месеци за Мајнц во Германија во 2019 година. Немав документи, а набргу сé се блокира поради пандемијата. Желба ми е пак да појдам во некоја од западноевропските земји – заврши Станојковски.
Нови успеси
Екипата Младост 96 продолжува со ,,газење,, во Супер лигата. Последна жртва е Вардар. Совладан е со 4:0. По една партија добија Кристијан Станојковски, Александар Рикалоски, Петар Костовски и Андреј Лашкоски. Тимот Младост двапати победи со по 4:1 – со Крива Паланка и Радовиш. Во идните кола, Младост 96 со Телеком и Шампион ФА, а Младост со Работнички и Струга.
На табелата води Младост 96, пред Младост и Шампион ФА.