ОВАРДА

Да си оварда е голем квалитет на мал број луѓе. Оние кои го пронашле и секојдневно го негуваат и вежбаат, верувам дека ќе го прават тоа уште долго.

Оварда е карактеристика чии сопственици најчесто ја носат од раѓање. Може да се пренесува и генерациски, од колено на колено, но квалитетот никогаш не се губи. Оној кому народот ќе му додели таков епитет на овардак човек, долго ќе го краси неговиот карактер.

Често се споредува со некое дамнешно време за кое имам само слушано и сум добила чуден впечаток дека тогаш луѓето биле пооварда од сега. Кој знае што толку драстично да се промени низ годините и карактерите на луѓето да се изчуручат. Но, тие кои биле некогаш оварда, се и сега. Тоа не се променува лесно.

Најбројната популација која го знае јазикот на овардалакот се децата. Можеби животот понатаму ќе ги научи во колкава мера да бидат оварда и ќе го загубат драгоценото што секое дете го има. Но, оварда луѓе не дозволуваат промени на срцето. Овардалакот може да премине во дарба која се добива, се негува и не се променува.

Овардалак имаат сите по малку. Треба само успешно да го разбуди и да се обнови она што се крие длабоко со срцето, детското, несебичното. А, тука е, неизбришано и непроменето, трпеливо чека да нé израдува со својата детска среќа.

Оварда или многу почесто офарда е турцизам кој потекнува од турскиот збор ховарда. Во македонскиот јазик се среќава со значење на широкодушен човек, дарежлив, услужлив, љубезен и тоа во улога на придавка.

Нина Насеска

Loading